Функционерите на „Алијансата за Албанците“ поднеле оставки во Владата

28 декември, 2017 | 20:27 часот | 558 прикажувања |

Функционерите на „Алијансата за Албанците“ денеска и официјално ги депонираа своите оставки во Владата.

Оставки поднесоа заменик-министрите за надворешни работи, за транспорт и врски и за труд и социјална политика, Арта Точи, Ремзи Мемеди и Елми Азири, како и државниот секретар во Министерството за правда, Зулфи Адили. Се очекува од своите функции да се повлечат уште осум директори.

Вчера лидерот на „Алијансата за Албанците“, Зијадин Села, рече дека ќе продолжат да дејствуваат како опозиција бидејќи бил нарушен договорот што го имале со претседателот на Владата, Зоран Заев.

Од друга страна, Заев оставката на заменик-министрите на „Алијансата“ ја оцени како очекуван чекор бидејќи, како што рече, Села не ја прифатил понудата за потпретседателско место за реформи во Владата.

Тензиите меѓу Заев и Села започнаа кога министерот за здравство од редовите на „Алијансата“, Арбен Таравари, одлучи да ја напушти министерската функција и да се кандидира за градоначалник на Гостивар. По оставката, партијата на Села бараше да биде именуван нов министер од нивната партија, но Заев одби и појасни дека тоа место ѝ било доделено на „Алијансата“ поради квалификациите и способноста на Таравари.

извор: Макфакс