Градот Скопје испраќа хуманитарна помош за Албанија

27 декември, 2017 | 17:18 часот | 631 прикажувања |

Градот Скопје како град на солидарноста и како збратимен град со Тирана ќе испрати помош на настраданите во неодамнешните поплави во Република Албанија, коишто предизвикаа голема материјална штета.

„Град Скопје како град на солидарноста, одлучи да даде помош на настраданите во поплавите во Албанија, кои предизвикаа голема материјална штета во нашиот збратимен град. За таа цел обезбедивме средства во висина од 1.100.000 денари, со кои беа набавени пакети со најнеопходните средства за лична хигиена, храна и производи за бебиња. Од ова место, со помош на Црвениот Крст на Град Скопје, почнува испораката на овие средства кои наскоро очекуваме да пристигнат во соседна Албанија, во рацете на оние на коишто помошта им е најпотребна“, рече денеска градоначалникот Петре Шилегов.

Шилегов објасни дека Скопје во изминативе децении честопати ја имал улогата на примател на помош од многу земји во светот.

„Како вистински град на солидарноста подаваме рака, да им помогнеме на нашите пријатели од соседството и пошироко. Елементарните непогоди и природните катастрофи доаѓаат ненајавено и доколку не си помогнеме едни на други, последиците од нив потешко ги поднесуваме. Се надевам дека нашите пријатели од Албанија ќе успеат да се изборат со ова, да ги надоместат материјалните штети на граѓаните и да продолжат со нормалното функционирање во средините во коишто живеат“, нагласи денеска градоначалникот Шилегов.