Владата одлучи да основа ансамбл за албански народни ора и песни

26 декември, 2017 | 22:59 часот | 2.410 прикажувања |

Владата на денешната седница ја разгледа и ја усвои информацијата за потребата од основање нова национална установа анасамбл за албански народни ора и песни во Република Македонија.

Министерството за култура во рок од 30 дена треба да подготви и до Владата да достави одлука за основање на оваа национална установа.

Во интервју за државната агенција МИА пред две недели, министерот за култура Роберт Алаѓозовски најави дека проектот за создавање албански државен ансамбл за песни и ора ќе се реализира во наредниот период и за тоа веќе се обезбедени пари во буџетот.

Тоа е во согласност со владината програма за унапредување на културата на сите заедници и градење едно општество, рече Алаѓозовски.

„Генерално ние ја унапредуваме културата на сите заедници во Македонија и претставници од ДУИ одговарајќи на барањата на граѓаните од албанска етничка националност побараа создавање на еден професионален национален ансамбл, кој што би се занимавал со негување на албанскиот фолклор и албанските традиции. Ние поаѓајќи од тоа барање од втората најбројна заедница немавме никаков проблем да им излеземе во пресрет на тие нивни барања. Така што проектот за создавање еден таков ансамбл ќе се реализира во наредниот период и за тоа се обезбедени пари во буџетот“, рече министерот за култура.