Прогласени најдобриот пожарникар, полицаец и крводарител во Скопје за 2017

26 декември, 2017 | 13:49 часот | 548 прикажувања |

Енвер Малиќи, заменик-градоначалникот на Град Скопје, денеска свечено им ги додели наградите на најдобиот пожарникар, полицаец и крводарител на територија на град Скопје за 2017 година. За најдобар пожарникар е прогласен Џеват Ибраими, командир на одделение во Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, најдобар полициски службеник за 2017 година е Зоран Павловски, вработен во Одделението за безбедност на патниот сообраќај при Секторот за внатрешни работи – Скопје, а за најдобар крводарител е прогласен Зоран Стојменовски.

„Хуманоста е општествена вредност. Таа е дел од нашите принципи. Таа е дел од нашата етика. Скопје е Град на солидарноста и како таков ги негува традициите на хуманост и солидарност спрема сите оние на кои им е потребна помош. За таа цел Град Скопје дополнително ги мотивира оние што најмногу придонеле за промоција на хуманоста со своите дела“, истакна заменик-градоначалникот Енвер Малиќи.

Тој, исто така, им честиташе на добитниците и ја изрази својата надеж дека овие награди освен за лична мотивација ќе послужат и како добар пример во средината во која живеат и работат.

Најдобрите во овие категории за 2017 година се:

Пожарникарот Џеват Ибраими во текот на 2017 година се истакнал со особено ефикасно и успешно работење. Имено, во рамките на неговата работа учествувал во гаснењето на повеќе пожари и технички интервенции и придонел за намалување на материјалните штети, како и за спасување човечки животи.

Најдобриот полицаец за 2017 година е Зоран Павловски, вработен во Одделение за безбедност на патниот сообраќај при Секторот за внатрешни работи – Скопје, кој во текот на 2017 година остварил надпросечни резултати и пожртвувано ги извршувал службените задачи.

Зоран Стојменовски е истакнат крводарител кој започнал да дарува крв во 1988 година, а до својата 52-ра година има дарувано крв 104 пати. Тој активно учествувал во сите редовни и вонредни крводарителски акции и неговата хуманост претставува пример и поттик за сите млади луѓе да бидат крводарители и да спасат човечки живот.