Божин Павловски добитник на меѓународната награда „Арка“

26 декември, 2017 | 10:04 часот | 487 прикажувања |

Познатиот македонски писател Божин Павловски е добитник на меѓународната награда „Арка“ за романот „Америка, Америка“, кој годинава излезе од печат во издание на истоимената издавачка куќа од Смедерово, во превод на д-р Љиљана Стеиќ.

Во образложението на меѓународното жири, предводено од академик Елка Његолова се истакнува дека, Божин Павловски е еден од најистакнатите македонски писатели – автор на деветнаесет високо вреднувани романи од критиката и наградувани со национални и меѓународни признанија. Романот „Америка, Америка“ е најамбициозен негов книжевен проект. Во ова дело на маестрален начин е опфатен крајот на дваесетиот век и падот на комунизмот, како и времето на рушењето на Берлинскиот ѕид и распаѓањето на Југословенската федерација. Дејствието се одвива во Америка, во ресторанот „Нова Европа“ во градот Детроит, кој е сврталиште на емигрантите од комунистичките земји.Тоа се политички аутсајдери, кои живеат со своите заблуди и чии животни судбини завршуваат трагикно.

Наградата „Арка“ е востановена во 2003 година, а досегашни добитници се истакнати балкански и европски писатели, меѓу кои Гане Тодоровски, Миодраг Павловиќ,Петре М.Андреевски, Љубомир Левчев, Томаж Шаламун, Влада Урошевиќ, Љубомир Симовиќ и др.