Љубомир Јовевски именуван за нов јавен обвинител

25 декември, 2017 | 15:37 часот | 490 прикажувања |

Собранието на Република Македонија  со 61 глас за, еден воздржан и ниту еден против, од присутни 69 пратеници, денеска го именуваше Љубомир Јовески за нов јавен обвинител. Новиот обвинител беше избран дури на третото гласање, бидејќи парламентарното мнозинство два пати не успеа да обезбеди кворум за да го изгласа.

Мандатот на Јовевски ќе трае шест години, а тој доаѓа на местото на Марко Зврлевски, кој беше разрешен од новата влада.

Во свечената изјава, по повод стапувањето на функција, Јовевски се обврза дека ќе го почитува Уставот и законите и оти ќе работи чесно, совесно и непристрасно. Ќе работи на враќањето на довербата на граѓаните во Јавното обвинителство.

„Пред голем предизвик сме да ја вратиме загубената доверба во работата на обвинителството пред граѓаните и да се профилира како професионална институција што ќе ги гони сторителите на кривични дела. Затоа ќе работам обвинителството да ја зашитува законитоста и да обезбедуа владеење на правото во Република Македонија“, изјави Јовевски.

Тој ја уверува јавноста дека Обвинителството ќе се дистанцира од извршната власт и другите центри на моќ и ќе биде самостоен државн орган надлежен за гонење на криминал.

„Ја гарантирам самостојноста во постапувањето на јавните обвинители и инсистирам да го истражуваат и гонат криминалот и корупцијата, а своите одлуки да ги носат исклучиво врз основа на доказите и фактите што ќе се утврдат, а утврдувањето на вистината да им биде приоритетна цел“, рече новиот јавен обвинител.

Јовевски кажа дека имал контакти со СЈО и дека значително е подобрена соработката. Се уште е рано, вели да се зборува кој ќе му биде прв случај. Законот за амнестија, како што рече Јовевски, е работа на Собранието дали ќе го донесе или не и нема да се меша во тоа.