Зошто го сакам Скопје?

13 ноември, 2017 | 15:40 часот | 384 прикажувања |

Зошто го сакам Скопје?

И заради Џез фестивал и заради Тарапана. И заради смогот во декември и заради пеколот во јули. И заради минарињата и заради француските гробишта. Заради Окцидентот и Ориентот. Заради тулумбите од чаршија и виенските колачи од „Крин“. Заради немирот на најубавите жени и палавоста на запиените мажи. Заради милоста на детските погледи кога родителите ги земаат од градинка. И плачот кога ги оставаат. Заради наставничката од средно во која бев заљубен. Заради Корчагин и ЈБТ, Орце и Коце, уметничко и хемиско, Моша и Борис.

Заради Тетовирање и чичко Кумплунг. Заради крововите кои прокиснуваат, паркетот кој само што го бришела мајка ти, и никогаш завршената транзиција. Заради цвеќарите во кои сите букети изгледаат исто а носат различни радости и таги. Заради булеварите низ кои не можеме да мрднеме, а стигаме секаде. Заради ДУП-ови и ГУП-ови кои немаат смисла, ама даваат смисла. Заради напнатоста на возачите, и заради тоа што никогаш не можеш да останеш на цедило кога ќе те остави колата на сред Илинденска. Заради „мајки и шајки“, „ш’ц мала“ и „кај си бе царе?“.

Заради немањето пари а имањето се. Заради зимници и туршии, славски сарми и бајрамско шеќерпаре. Заради оние кои веќе ги нема. И заради оние кои допрва ќе се појават. Заради тоа што Сабвеј пак ќе се отвори, а во сликите на мојата младост не се ни затворил. Заради Музејот на современа уметност, и една Мира заради која конечно вреди да се отиде таму! Заради салоните за тетоважи и пирсовите, народните носии и играорните секции. Заради старците во автобус и дневните миграции за кило патлиџани и две кила карфиол за зимница. Заради бедата на Шутка и славата на нејзините жители. Заради илјадниците и илјадници туристи кои доаѓаат, а не знаат што бараат.

Заради дервишкото теќе. Заради патриотите. И заради предавниците. Заради тоа што цел свет ми е рамен, а немам каде подалеку од Сарај. Всушност имам каде, ама немам што да барам…

Затоа што срцето ќе ти искочи од гради кога раздаваш душа, ама барем знаеш дека во Скопје има кој да ја прими…

Ете затоа…

(фејсбук статус на Ненад Марковиќ)