Христијан Мицкоски ќе биде трет претседател на ВМРО-ДПМНЕ

23 декември, 2017 | 18:43 часот | 456 прикажувања |

Христијан Мицкоски е избран за трет претседател, во 27 годишната историја на ВМРО-ДПМНЕ, откако на денешното гласање од присутните 428 делегати на 16-тиот вонреден Конгресот на партијата, за него гласале 376. Неважечки биле 52 ливчиња.

Мицкоски на позицијата лидер на најголемата опозициска партија доаѓа на местото на Никола Груевски кој партијата ја водеше 14,5 години, односно од мај 2003 година до денес.

Новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ има 40 години, тој е доктор на технички науки, семеен човек и татко на две деца. Од 2014 година е вонреден професор на Машински факултет на УКИМ во Скопје, во 2016 година стана претседател на Управниот одбор и Генерален Директор на АД ЕЛЕМ, а во 2017 и советник на премиерот за областа енергетика. На претседателската позиција доаѓа од функцијата Генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ.

На обвинувањата кои деновиве стигнаа на негова адреса дека ќе биде марионета во рацете на Груевски, Мицкоски со став:

„На несмасните брифирања од неименувани партиски извори дека ќе сум бил марионета ќе одговорам дека со мојата работа убеден сум дека ќе го докажам спротивното. Свесен сум во каква атмофера поминува овој конгрес, со шпекулации и наметнати теми, но таква е состојбата и со политиката. Од денеска па натаму ќе се потрудам политиката да биде поинаква“ рече Мицкоски во своето обраќање пред делегатите.

Новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ рече дека ќе се потруи да ги вклучи сите кои сакаат да помогнат во борбата за, како што рече, демонтирање на оваа неспособна власт предводена од СДСМ, влада безидејна, без проекти.

„Без суета, без непотребни каприци, секој граѓанин кој сака да помогне, и во програмскиот дел, и во организацискиот дел, и во креирањето и одбраната на политиките и новата визија и план кои се пред нас, но и во напорите да се посочат реалните проблеми и да се избориме за подобро утре за целиот народ“, додаде Мицкоски.

На денешниот конгрес на партијата на присуствуваа 126 делегати, меѓу нив видни партиски функционери во изминативе години: Никола Попоски, Илија Димовски, Антонио Милошовски, Владимир Пешевски, Зоран Ставрески, Борис Змејковски и други.

фото: Република