ВМРО-ДПМНЕ денеска бира нов партиски лидер

23 декември, 2017 | 10:27 часот | 520 прикажувања |

Во Домот на културата во Валандово, денеска од 11 часот продолжува Вонредниот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ на кој делегатите треба да го изберат новиот претседател на партијата. Единствен кандидат за избор е довчерашниот генерален секретар на партијата Христијан Мицкоски.

16-тиот Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ почна вчера попладне, а од вкупно 544 делегати со право на глас, присуствуваа 411, со што исполнета е обврската од членот 18 од статутот на партијата, според кој може конгресот да работи, односно да се присутни најмалку две третини од вкупниот број делегати или најмалку 363 делегати.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ во оставка, Никола Груевски порача дека важно е да се насочат кон напредна и просперитетна Македонија, а предуслов за тоа, како што рече, е рушење од власт на СДСМ.

„Треба да имаме мирен и транспарентен конгрес, треба да се донесат мудри и рационални одлуки“, изјави Груевски.

На Конгресот е видливо отсуството на поранешните пратеници и министри од редовите на партијата кои беа дел од најблиските соработници на Груевски: Илија Димовски, Трајко Вељаноски, Никола Попости, Никола Тодоров, Антонијо Милошоски, Зоран Ставрески и Владимир Пешевски. Поголем дел од нив беа потписници на писмото со кое се бараше одложување на Конгресот поради протежирањето на еден кандидат, нефер условите за избор и нетранспарентноста на целиот процес.

Христијан Мицкоски, за кого овие денови се крена најголемата прашина и кон кого беа упатени сите критики дека е фаворит на стариот лидер Груевски, во изјава за медиумите рече дека дава подадена рака кон сите добронамерници на партијата:

„Во периодот што претстои не само што има подадена рака, туку и прегратката е отворена и за сите добронамерници и граѓани на кои политките на ВМРО-ДПМНЕ им се блиски да помогнат затоа што сме сведоци дека последниве седум месеци е период на закани, уцени на Владата предводена од СДСМ, а мене лично ме загрижува безидејноста во насоките каде оди државата“, рече Мицкоски.

П.Д.