Извештајот за штетите од ланските поплави помина на Влада

23 декември, 2017 | 10:16 часот | 422 прикажувања |

Владата на Република Македонија ја одржа својата редовна 44 седница со повеќе точки на дневниот ред од интерес на граѓаните.

Владата на оваа седница ја разгледа и прифати Одлуката од Управниот одбор на АД за производство на електрична енергија Електрани на Македонија во државна сопственост, со која се одобрува барањето за заем доставено од Македонски железници Транспорт АД Скопје.

На седницата министрите во владата ја разгледаа и прифатија и одлуката на Управниот одбор на АД МЕПСО Скопје во државна сопственост, со која е одобрено барањето за заем од Македонски железници Транспорт АД Скопје.

Со овие две одлуки, одобрени од страна на Владата на РМ, за Македонски железници Транспорт АД Скопје, се обезбедени финансиски средства за исплата на ноемвриската плата на ова акционерско друштво.

На седницата владата ја разгледа и информацијата за предлог проектот „Трговијата и транспортот на Западен Балкан“ (Western Balkans Trade and Transport) предложен од Светска Банка, како и потребните идни активности за негова имплементација, за чија реализација е надлежно Министерството за транспорт и врски.

Овој проект се состои од серија проекти во државите вклучени во него со кои се поддржуваат владините напори за промоција на подлабока економска интеграција во рамки на регионот. Со проектот ќе се олесни прекуграничното движење на стоки со усвојување на Национален Единствен Прозорец (National Single Window), и со подобрување на граничните премини во одбрани трговски коридори. Со овие проекти исто така ќе се зголеми ефикасноста и сигурноста на транспортот и ќе се подобри пристапот на пазарот на трговија со услуги и инвестиции.

Владата беше информирана дека за координација и за следење на спроведувањето на проектот, ќе се формира работна група предводена од Министерство за транспорт и врски со претставници и на Министерството за финансии, Царинската управа на Република Македонија, Министерството за внатрешни работи, Министерството за економија, Агенцијата за храна и ветеринарство и Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

На оваа, 44-та седница, Владата на РМ го разгледа Извештајот за процена и утврдување на висината на штетата на недвижниот и движен имот на правните лица наподрачјата на скопскиот и тетовскиот регион од невремето и поплавите во август 2016 година. Извештајот на Комисијата за вршење проценка на штетите на недвижен и движен имот во подрачјата зафатени со силно невреме и поплави во скопскиот и тетовскиот регион во наведениот период е проследен до Министерството за финансии за натамошна постапка.

На денешната седница на Владата на Република Македонија се усвоени повеќе предлог програми за измени и дополнувања на програмите на повеќе министерства, јавни претрпијатија и акционерски друштва во сопственост на државата со цел алокација на финансиски средства во ставки и позиции за кои е остварлива реализацијата на буџетот за 2017 година.