Заев: За Договорот со Бугарија имаме поддршка од граѓаните, до средината на 2018 треба да го решиме проблемот со името

22 декември, 2017 | 23:08 часот | 3.735 прикажувања |

Проверив, после Договорот со Бугарија дека граѓаните сакаат храбри одлуки и докажав дека храброста не ни недостасува, ја имаме. За тој договор имаме поддршка и од јавното мислење, а имавме поддршка и на изборите, кампања цела се водеше во источна Македонија, граѓаните дадоа поддршка на нашата коалиција. Тоа за мене е охрабрување да терам натаму, водејќи грижа за мојата земја.

Ова го изјави премиерот Зоран Заев во емисијата Ноќно студио на ТВ Телма, во разговор со новинарот Борјан Јовановски.

Заев информираше дека помината е првата фаза каде што посредникот Метју Нимиц ги сретнал преговарачите од двете страни, за да провери до каде се спремни и тој утврди дека двете земји се спремни суштествено да навлезат во решавање на проблемот.

Нема предлог, рече Заев и потенцираше дека „закажана е нова сесија на крајот на јануари и веројатно секој месец ќе има сесии, под наши инструкции ќе се решава проблемот со името“.

Премиерот е убеден дека прашањето треба да се затвори најдоцна до крајот на првата половина од 2018.

„Оптимизмот го темелам на суштини коишто ги знам во сите материјали откако станав премиер. Претходно не знаев ништо, оти немаше кој да сподели со опозицијата. Чувствувам подготвеност од грчката страна и преку средбите со Коѕијас, но и со разговорот со Ципрас, неговите изјави, како и генерално политичката фела во Грција. Драго ми е што е подобрен имиџот на власта на Македонија во Грција“, изјави Заев.

Според него, проблемот е врзан со името и треба да биде врзан со името а како што рече, за жал, во некои поранешни години, се отворија други прашања.

„Верувам дека со целосно сочувување на нашиот дигнитет, верувам дека ќе се изнајде решение. Моја грижа мора да биде политичката поставеност на Ципрас, неговите коалициони партнери, па и опозицијата во Грција“, рече премиерот, додавајќи дека само со меѓусебно водење грижа можеме да се исчекори кон изнаоѓање на решение.

Се откажувам дека Македонија е единствен наследник на Александар Велики

Премиерот на Грција, посочи Заев, рече дека има шанси новата Влада во Македонија да не приближи кон решавање на проблемот со името, ако е подготвена да отстапи од антиквизацијата.

„Ципрас рече дека ако Владата во Скопје се откаже од правото да биде единствен наследник на Александар Велики, има шанси да се реши проблемот со името. Јас во името на Владата се откажувам дека Македонија е единствен наследник на Александар Велики кој стигнал до Персија, се откажувам и од Александрија во Египет, заради тоа што кралството на Александар Велики се простирало насекаде. Историјата ни припаѓа и нас, веројатно таа историја припаѓа и на Грција, дел на Бугарија и на многу други земји. Јас сум борец за добрата иднина на моите граѓани, во Република Македонија“, рече македонскиот премиер, кој е убеден дека заедно со неговиот грчки колега, министрите за надворешни и преговарачите за името на двете држави може да изнајдат решение за името.

„Ако донесе храбра одлука и грчкиот премиер како што донесов јас, граѓаните ќе н ѐ наградат за тоа. Заврши времето на патриотизми, како тоа: „ќе сочуваме историите наши тоа“. Не, целиот свет ита напред затоа што обезбедува иднина и перспектива на својот народ. Франција и Германија се пример за тоа“, додаде Заев.

Тој не даде конкретен одговор на прашањето дали Македонија ќе повлече некои потези „во знак на добра волја“ кон Грција: како преименување на аеродромот или отстранување на споменикот на Александар Велики од скопскиот плоштад, туку рече дека Владата овој процес ќе го води транспарентно, а тоа на крајот ќ било потврдено и на референдум од граѓаните.

Според Заев, важно е да се сочува моментот на внимателност и претпазливост заради успешноста на самиот процес.

фото: Телма