Милошоски и Димовски ќе го бојкотираат Конгресот во Валандово

22 декември, 2017 | 17:46 часот | 617 прикажувања |

Антонијо Милошоски и Илија Димовски најавија бојкот на партискиот конгрес во Валандово, на кој треба да се избере новиот партиски лидер на ВМРО-ДПМНЕ. Единствен кандидат за кој делегатите ќе имаат можност да гласаат е сегашниот генерален секретар на партијата Христијан Мицкоски.

„Моја принципиелна лична одлука е да не учествувам на конгресот за кој сметам дека има демократски дефицит и нелојална конкуренција за најважната одлука од која зависи перспективата на ВМРО-ДПМНЕ како конзервативна партија. На сите делегати им пожелувам успешен настан и продуктивни одлуки“, вели Милошоски во изјава за Макфакс.

Илија Димовски, кој исто така важеше за еден од поблиските соработници на лидерот во заминување Груевски, причините за својата одлука ги соопшти на Фејсбук.

„Овој Конгрес не го носи со себе легитимитетот на широкото и големо членство на ВМРО-ДПМНЕ. Има политички дефицит и јасни одрази на креирање на состојба на формален избор на веќе одлучено решение, без вклученост на нашите местни и општински комитети, ветераните и сите членови на партијата. Моите забелешки не се од персонални причини, туку станува збор за принципиелни и концептуални разлики“, напиша Димовски.

Двајцата партиски функционери се потпишани на писмото кое во вторникот, на 19 декември беше упатено до организаторите на Конгресот во Валандово, а во кое се бараше одложување на истиот поради недемократскиот и нетранспарентен процес за легитимен избор на новиот партиски лидер. Меѓу потпишаните на писмото беа и имињата на основачите на ВМРО-ДПМНЕ Борис Змејковски и Дијана Транталовска.

Од друга страна, единствениот кандидат за лидер Христијан Мицкоски очекува успешен Конгрес и процес на повторно обединување на партијата.

„Мојата кандидатура е широко понудена рака за секој еден кој сака да биде дел од тимот кој ќе ја создава визијата и ќе го реализира сонот за победничка и економски напредна Македонија. Јас имам план. За нова надеж за нашата татковина, силна и достоинствена!“, напиша Мицкоски во објава на социјалната мрежа Фејсбук.

16 Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ ќе се одржи вечерва и утре во Валандово. На истиот право на глас ќе имаат 544 делегати. Конгресот ќе се смета за успешен доколку на истиот присуствуваат најмалку две третини или 363 делегати.

П.Д.