Сепаратистите победија на изборите во Каталонија

22 декември, 2017 | 9:39 часот | 545 прикажувања |

Каталонските сепаратистички партии добија мнозинство во регионалниот парламент врз основа на 99 отсто од преброените гласови од предвремените регионални избори, пренесува Макфакс.

Трите партии кои се залагаат за независност на овој регион заедно освоија 70 места во парламентот, што е за две места повеќе од простото мнозинство во телото со 135 пратеници.

Партијата на поранешниот лидер, Карлес Пучдемон, „Заедно за Каталонија“ освои 34 места, републиканската левица ERC – 32 места, додека пак антикапиталистичката партија – CUP четири места. Партијата Sijudadanos (Граѓани), која е против независност на Каталонија освои 37 места.

Овој резултат е удар за шпанскиот премиер, Маријано Рахој, кој ја замени каталонската влада и повика на вонредни избори, надевајќи се дека сепаратистите ќе останат надвор од власта.

Поранешниот каталонски лидер, Карлс Пучдемон, рече дека мнозинството кое го освоија сепаратистите на регионалните избори претставува победа на „Каталонската република“ над шпанската држава.

Пучдемон изјавата ја даде во Брисел, каде што се наоѓа откако неговата влада беше распуштена од шпанските власти во октомври, по прогласувањето отцепување од Шпанија.

Пучдемон додал дека ЕУ мора да земе предвид оти решението на Рахој не функционира и дека по овие резултати премиерот на Шпанија добил „шлаканица по лицето“.

извор: Макфакс