Ксенија Собчак – идеалниот ривал на изборите за Путин

23 октомври, 2017 | 21:44 часот | 298 прикажувања |

Весниците во Русија на своите први страници го коментираат соопштението на телевизиската ѕвезда Ксенија Собчак дека ќе се бори за претседателската функција на изборите во март. Кандидат како неа ќе ја направи кампањата поинтересна, но може да создаде и нови проблеми на Кремљ, пишува „Ведомости“.

Весникот потсетува на коментар на опозиционерот Алексеј Навални за плановите на Собчак: „Таа можеби одлучила (…) да учествува во доста валканата кремълска игра наречена: „ќе довлечкаме на изборите една либерална карикатура за одвлекување на вниманието“. Навални ги нарече ставовите на Собчак „прилично канибалски“.

Заменик-претседателот на рускиот парламент од партијата „Единствена Русија“, Пјотр Толстој смета дека учеството на телевизиската водителка ќе внесе нова интрига на изборите како „брилијантен кандидат, кој е олицетворение на погледот на одреден вид кандидати“.

„Утре ќе побара да се кандидира некој бездомник и што – ќе му барате коментари?“, негодува заменик-претседателот на Државната дума, Игор Лебедев, кој инаку е либералдемократ. „Да почекаме да ја регистрираат. Ако тоа се случи, може смело да кажеме дека изборите се претвораат во „Дом-3“- уште една епизода од популарно руско реално шоу“, додава тој.

Собчак изјави дека нејзината кандидатура ќе стане аналог на укинатата графа „против сите“ во руските изборни ливчиња и се прогласи „против начинот на кој е решен денес политичкиот и јавниот живот“ во земјата.

Оваа логика покажува дека нејзиното учество во трката во голема мера цели да ја охрабри активноста и да го одземе електоратот на Навални, смета политикологот Дмитриј Бадовски.