Заев: Турската заедница е конструктивен дел на македонското општество

21 декември, 2017 | 22:28 часот | 449 прикажувања |

Македонскиот премиер Зоран Заев, придружуван од министерот без ресор задолжен за странски инвестиции Аднан Ќахил, вечерва присуствуваше на јубилејното празнување на денот на наставата на турски јазик во Република Македонија, кој се одржа во ВИП Арена, Борис Трајковски.

Во своето обраќање, поздравувајќи го вицепремиерот на Република Турција, Хакан Чавушоглу, амбасадорката на Република Турција во Република Македонија, Тулин Еркал Кара, претставниците од општествената и политичката заедница во Република Македонија, пратениците од турскиот Парламент, пратениците од Македонскиот Парламент и сите сограѓани од заедницата на Турците во Македонија, меѓу другото рече:

„Ви го честитам од сè срце, во името на Владата, во мое лично име, и во име на граѓаните на Република Македонија денешниот празник – Ден на наставата на турски јазик во нашата заедничка држава, Република Македонија. Свеченостите по овој повод, овој национален празник на припадниците на турската заедница во Република Македонија, се уште еден доказ и потврда за традиционалното пријателство и за одличната соработка меѓу нашата земја и Република Турција“, рече Заев.

Тој посочи дека Турција беше прва земја која подаде пријателска рака на самиот почеток на осамостојувањето на Република Македонија и земја која изрази подготвеност за соработка и помош во сите сфери на општественото живеење.

„Република Македонија секогаш ќе го има тоа предвид. Отвореноста и блиската соработка се најзначајната алка во градењето на стратешките односи помеѓу двете земји. Сведоци сме на континуираното вложување во развојот на билатералните односи помеѓу Македонија и Турција“, истакна македонскиот премиер, додавајќи дека воспоставеното пријателство помеѓу двете земји е несомнен пример за тоа како треба да се соработува во регионот и пошироко.

Заев потсети дека освен денешниот празник, Македонија и Турција секоја година одбележуваат значајни датуми поврзани со една од најзначајните личности во историјата на Турција – Мустафа Кемал Ататурк.

Во своето обраќање премиерот рече дека Република Турција, со силната поддршка за нашата земја, придонела Република Македонија да стане активен учесник во обезбедувањето на глобалниот мир и безбедност. Премиерот изрази надеж за скорешна посета на Турција, по покана на премиерот Бинали Јилдирим и рече дека е сигурен оти на таа средба ќе се отвори нова страница во меѓусебната соработка на двете земји.