Успеси на македонскиот театар од Сиднеј

21 декември, 2017 | 22:12 часот | 524 прикажувања |

Минатата среда, на 13 декември, Австралиско-македонскиот театар од Сиднеј го одржа својот годишен генерален состанок при што се истакнаа едногодишните постигнувања на Театарот. Претседателот на Театарот Душан Ристевски даде опсижен извештај за работата на оваа установа која оваа година навши десет години од своето постоење.

Минатата финансиска година, на сцена се постави комедијата „Баба се мажи“ од Душан Ристевски и истата доживеа пет престави во Сиднеј и по една во Волонгонг и Квинбијан. Потоа следеше драмата „Изненадувачка забава“ од Стефо Нанцу со која се имаше четири настапи во Сиднеј и една во Волонгонг.

Театарот исто така имаше можност да настапи со кратка сценска изведба „Македонска традиционална свадба“ на јубилејната 50 годишница на КУД Илинден во Сиднеј; настап со монодрамата „Неда“ на мирниот протест за Заедничка Македонија во Сиднеј.

Исто така, членовите на театарот успешно ја организираа традиционалната Гала вечер по повод доделување наградата Александар Македонски за сценска уметност. На истата вечер беше прикажана и монодрамата „Неда“ и разновидни комични скечеви.

На состанокот се изнесе и план-програмата за наредната година. Покрај тоа што ќе се одржи Гала вечер на 10 февруари каде ќе има монодрамски изведби, ќе се стави на сцена и драмата „Последниот Македонец“ од Душан Ристевски. Се планира со истата, покрај настапите во Сиднеј, да се патува во сите градови низ Австралија.

Честитки до сите членови на македонскиот театар кој бележи успеси во промовирање на македонската театарска уметност, македонскиот јазик и култура, а посебно во промовирање на македонската нација во Австралија.

Иван Трпоски