Иванов со честитка по повод Денот на наставата на турски јазик

21 декември, 2017 | 13:18 часот | 249 прикажувања |

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод одбележувањето на Денот на наставата на турски јазик – 21 декември, упати честитка до припадниците на турската заедница во Република Македонија.

Почитувани сограѓани

Дозволете ми, во мое лично име и во името на граѓаните на Република Македонија, на сите припадници на турската етничка заедница да Ви го честитам 21 декември, Денот на наставата на турски јазик.

Еден од основните предуслови за зачувување и негување на својата традиција е можноста за образување и творење на мајчин јазик. Во Република Македонија живеат различни народи кои имаат свои јазични и културни обележја. Македонија е земја која знае да ги цени и вреднува истите.

Одбележувањето на овој празник е симбол на почитта на Македонија кон турскиот народ, култура и идентитет. Живеејќи заедно, почитувајќи ги овие културни различности, сите ние придонесуваме за зајакнување на општеството и градење на подобар живот за сите.

Ова е влог и во односите со Република Турција, која е долгогодишен пријател и стратешки партнер со Република Македонија, за што говорат големиот број на средби и реализирани проекти.

Ние и понатаму, со заеднички напори ќе продолжиме да работиме за доброто на сите граѓани во Република Македонија, сè со цел да овозможиме континуиран и уште поголем напредок. Само така ќе успееме да изградиме подобра Македонија за сите.