Германската компанија Кеслер ќе произведува електромотори во Македонија

20 декември, 2017 | 14:42 часот | 628 прикажувања |

Директорот на ДТИРЗ Александар Младеновски денеска во просториите на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, потпиша договор за реализација на инвестицијата на германската компанија Кеслер во ТИРЗ „Скопје 1”.

Согласно договорот компанијата добива на користење градежно земјиште со површина од 1,3 хектари, а според најавите од компанијата предвидена е изградба на објекти во две фази во кој ќе се врши производство на електромотори. Во рамки на инвестицијата предвидено е и воспоставување на центар за заеднички и инжинерски услуги и развој на нови производи на компанијата Кеслер во Македонија.

Компанијата Кеслер најави дека планира да започне со работа кон крајот на 2018-та година, а производството ќе биде наменето за германскиот пазар.Се планираат најмалку 80 работни места во наредните три години, машински и електро инжинери, како и друг висококвалификуван кадар.

Од Кеслер информираат дека веќе имаат стапено во контакт со високо образовни институции во нашата земја и планираат соработка со техничките средни училишта. Компанијата планира соработка и со домашни добавувачи за набавка на суровините потребни за нејзиното производство.

Како производител на алатки и системи за машинска обработка и брусење, електромотори, делови за CNC машини, индустриска електроника итн, компанијата Кеслер има над 90 годишна традиција. Ова е нејзина прва инвестиција во производствени погони надвор од матичната земја и ќе биде прва фабрика од ваков тип во Македонија.