Европски суд за правда: „Uber“ е транспортна услуга, а не комуникациска компанија

20 декември, 2017 | 14:12 часот | 453 прикажувања |

Европскиот суд за правда пресуди дека американската компанија „Убер“ треба да подлежи на исти правила како и такси-компаниите. Одлукaта би можела да го промени начинот на функционирање на „Убер“ во Европа.

Највисокиот суд во Европа ја донесе ваквата пресуда врз основа на жалба на здружението на таксисти од Барселона кои сакаат да ја спречат работата на „Убер“ во овој град наведувајќи дека неговите возачи треба да имаат одобрение и лиценца.

„Убер“ овозможува попристапни цени, а возачите и патниците се поврзуваат преку апликација за мобилен телефон. Патниците ги возат непрофесионални возачи без лиценца, кои користат сопствени возила.

Во пресудата се наведува дека дејноста на „Убер“, која ги поврзува поединците со непрофесионални возачи спаѓа во услуги од областа на сообраќајот и дека членките на Европската Унија може да ги пропишат условите за оваа услуга. Пресудата е обврзувачка и против неа не е дозволена жалба.

Од компанијата „Убер“, чие седиште е во Сан Франциско, сметаат дека се разликуваат од такси-услугите и дека треба да подлежат на регулација како технолошки услужен сервис, а не како компанија за превоз на патници затоа што нејзината работа се базира на технолошка платформа.

извор: Макфакс