Нухиу: Македонија ги потврди капацитетите за справување компјутерски криминал

20 декември, 2017 | 13:56 часот | 368 прикажувања |

Заменик министерот за внатрешни работи д-р Агим Нухиу денеска (20.12) денеска во Скопје имаше поздравно обраќање на Регионалната работилница за споделување на добра пракса за известувачките механизми во Југоисточна Европа и Република Турција, што ќе продолжи и утре.

Работилницата е дел од проектот iPROCEEDS на Советот на Европа во соработка со Министерството за внатрешни работи на Република Македонија. Во своето обраќање д-р Нухиу истакна дека таканаречената „информатичка револуција“ стана составен дел на секојдневното живеење и функционирање, но од друга страна, ваквиот експлозивен развој на технологијата, овозможи и појава на поголеми злоупотреби, во смисла на појава на нови облици на криминални активности – „компјутерски криминал“ и истовремено, доведе до менување на начинот на извршување на класичните кривични дела.

„Имајќи во предвид, дека се работи за релативно нов вид на криминал и злоупотреби, од исклучителна важност е, воспоставувањето на ефикасен механизам за информирање и овозможување на едноставно пријавување и споделување на злоупотребите на интернет или сторени преку интернет. Ваков механизам на национално ниво, ќе овозможи превентивно делување во однос на потенцијалните измами и злоупотреби, а исто така, агенциите за спроведување на законите врз основа на добиените информации, ќе бидат поефикасни во своите активности.“– нагласи заменик министерот Нухиу.

Потенцирајќи ја посветеноста во борбата против сите облици на криминал, вклучително и во борбата против компјутерскиот криминал Нухиу нагласи дека Република Македонија ги има потпишано и ратификувано Конвенцијата за компјутерски криминал и Дополнителниот протокол на Советот на Европа, како и Конвенцијата на ООН за транснационален организиран криминал со трите протоколи.

Следствено на претходното, беа извршени измени во Кривичниот законик на Република Македонија, а истовремено, во рамките на МВР, беа создадени административни и човечки капацитети за борба против компјутерскиот криминал и беше формиран „Сектор за компјутерски криминал и дигитална форензика“.

„Регионалниот проект iPROCEEDS на Европската унија и Советот на Европа, имаат за цел на национално и регионално ниво да се воспостават ефикасни механизми за соработка, размена на информации, зајакнување и хармонизирање на капацитетите за истражување, одземање и конфискација на имот од компјутерски криминал како и превенција на перење на пари преку интернет.

Досегашните активности на проектот веќе покажуваат резултат во работењето на национално ниво, за што сме особено благодарни. Република Македонија и регионот, веќе ги потврдуваат своите капацитети во справувањето со компјутерскиот криминал и спречувањето на перењето на пари преку интернет и докажуваат дека го имаат правилно трасирано развојот на своите капацитети во наредните години“, истакна Нухиу.