ВМРО-ДПМНЕ: Нови блокади на крстосниците за поддршка на притворените

20 декември, 2017 | 10:18 часот | 368 прикажувања |

Република Македонија е единствена земја во Европа, каде во 21 век има политички затвореници, реагираат денес од ВМРО-ДПМНЕ во врска со притворот на нивни членови и уметници за насилствата во Собранието од 27 април.

Како револт поради ваквата постапка на новата власт, од партијата најавија дека и денес ќе блокираат четири скопски крстосници во периодот од 15 до 17 часот, а ќе има и протест во 18 часот пред Истражниот затвор во Шутка, каде ќе се одржат повеќе обраќања пред присутните.

„Се конструираат обвиненија, се монтираат цели случаи, се со цел влевање на страв кај секој еден кој не се согласува со политиките на хунтата. Обвинението кое им се става на товар во целост е апсурдно. Кривичното дело тероризам за кое се товарат е политички производ и служи за дефокус на јавноста од анти-државните политики, економскиот колапс и корупцијата на криминогената банда на чело со Заев“, стои во соопштението на опозициската партија.

Според нив, притворите кои ги побара Јавното обвинителство се неосновани бидејќи, како што велат, не е исполнет ниту еден од законски предвидените услови за изрекување на истите.

„Неправедно притворените ниту се криеја, ниту се впуштија во бегство. Тие 8 месеци твореа и ги извршуваа своите секојдневни активности. Сите тие се жртва на една полициска хунта која сака во целост да управува со нашите животи, преку втерување страв во секој еден кој ќе се дрзне да размислува поразлично од нив“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во соопштението се нагласува дека нападот од страна на полицијата под контрола на Спасовски врз демонстрантите кои мирно протестираа и го блокираа преминот Табановце е уште еден доказ во низа за, како што се вели, полициската хунта и заробената држава.

ВМРО-ДПМНЕ го осуди овој напад на полицијата врз демонстрантите и додава дека ќе се спротивстави на сите кои ја уриваат демократијата и правната држава во Република Македонија.

Оттаму ги повторија трите нивни барања за безусловно запирање на сите процеси на политичкиот прогон, итно и безусловно стопирање на, како што се вели, малтретирањата, на теророт и изживувањето кое го прави СДС и пуштање на слобода на сите лица кои се опфатени со овој, според партијата, политички прогон.

Четирите крстосници кои ќе бидат блокирани во Скопје се: крстосницата кај Соборниот Храм, крстосницата кај „Мавровка“, крстосницата кај „Нова Македонија“ и крстосницата кај Црвен Крст.

Воедно, комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ во просториите на „Даре Џамбаз” денес од 09 – 17 часот организира крводарителска акција во знак на поддршка на притворените.