Царкњас: Ако ги загубиме Црквата, името и татковината, нема да бидеме народ, туку нула

19 декември, 2017 | 13:48 часот | 21.649 прикажувања |

Архимандрит Никодим Царкњас упати предупредувачки пораки до македонскиот народ во последната емисија „Во Центар“ на Васко Ефтов на телевизија Алфа, насловена „Дали ќе капитулираме како Нова Македонија?“, пренесува Експрес.мк.

Прочитајте дел од поентите на македонскиот свештеник:

„Нова Македонија е најлошото име. Јас уште за името Северна Македонија имам кажано дека имам информација оти (Костас) Симитис му го има предложено на Бранко Црвенковски“.

„Голема срамота е во мирно време, со држава Република Македонија, призната од повеќе од две третини од светот како Република Македонија, ние сега името да им го даваме на Грците, како сакаат тие да нè викаат“.

„Црквата да се кажува ќерка-црква на Бугарската? Тоа не стои со ништо! За жал, тоа е самоубиство. Нема зборови да се објасни тоа. Тоа е многу лошо за Црквата и за народот наш. Го преживеавме режимот на Турците, на Србите на Бугарите и сега во слобода да се прават сите тие работи“.

„Сега гледам дека згрешив што не прифатив (да стане член на Синодот на МПЦ, што два пати му било предложено за време на архиепископите Гаврил и Михаил, со цел потоа да застане на чело на Црквата). Жалам што не прифатив, бидејќи сега работите немаше да бидат вакви“.

„Знам, има притисок од големите сили. Секогаш имало таков притисок. Големите сили не можат да го уништат македонскиот народ. Да направат чистење. Тука, во Европа, тие работи не се прават веќе. Но, треба ние да не се самоубиваме. Треба да направиме пресврт, да не застанеме, да одиме напред. Не треба да ја изгубиме надежта. Ако ја изгубиме надежта, нема да ни остане ништо“.

„Многу жално е, ако е така (денес е тешко да си Македонец во Македонија). Ако ја загубиме Црквата, името, татковината, тогаш не сме народ. Ќе бидеме нула. Ќе биде срамота за нас и за нашите поколенија оти не правиме ништо за нацијата, за народот, за верата“.

Никодим Царкњас е македонски православен монах роден 1942 година во С’ботско (на грчки Аридаја), исклучен од Грчка православна црква во 1992 година поради самодекларирањето како Македонец, по што е ракоположен во Македонска православна црква. За обидот да основа македонска црква во С’ботско осуден е на три месеца затвор во 2004 година.

Извор: Експрес.мк