Бојковски: Советничка од Гази Баба била уценувана да гласа за СДС

11 ноември, 2017 | 15:18 часот | 161 прикажувања |

Притисоците, заканите, уцените и дивеењето на СДСМ кое беше присутно пред изборите и за време на изборите продолжува, но и во вакви едни услови ВМРО-ДПМНЕ со своите коалиционите партнери за време на изборите ја доби мнозинската поддршка од граѓаните на Гази Баба на советничката листа освојувајќи мнозинство на советници, реагира Тони Бојковски од опозициската партија.

„Алармантноста на силеџиството од страна на структури блиски до СДС не принудува јавно да го соопштиме она што се случуваше во текот на вчерашниот ден при конституирањето на советот. Имено вршен е непосреден и дрзок притисок на советници, имајќи го во предвид тесното мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ, со цел да го поддржат СДС за да може да формираат мнозинство во Советот спротивно на изразената волја на граѓаните дадена на избори. Имено додека траеше конститутивната седница посетен е домот на советник на ВМРО-ДПМНЕ од непознати лица при што на родителите им било испратена директна закана, цитирам: „Ако гласа за СДС да го добие Советот ќе добие убаво работно место и ќе биде богато награден. Во спротивно, ако не гласа за СДС крв ќе падне и молотови коктели“, вели Бојковски.

Членот на ВМРО-ДПМНЕ додава дека наместо проекти и дела, СДСМ сака да владее со молотови коктели и страв.

„Крајно недемократски и одлика на една заробена држава. Истиов случај е пријавен во полиција и ги повикуваме институциите да го расветлат во најбрз можен рок, во спротивно ќе сметаме дека тие стануваат заштитници на силеџиството. Вчера советниците не подлегнаа на заканите и ВМРО-ДПМНЕ заедно со коалиционите партнери го формираше мнозинството на советот. И ВМРО-ДПМНЕ заедно со коалицијата ќе работи во интерес на граѓаните на Гази Баба и ќе биде остар критичар на сите непопуларни мерки и коректив на работата на градоначалник од СДС, Борче Георгиевски“, додава Бојковски.