Скопјани бараат реорганизација на јавниот превоз и гасификација на градот

18 декември, 2017 | 17:13 часот | 744 прикажувања |

Да се набават електрични автобуси и да се реорганизира јавниот превоз, да се воведе тарифа за луксуз при регистрација на второ возило, да се забрани употребата на јаглен за затоплување на домаќинствата, да се засилат контролите на погоните за преработка на пластика и работилниците што горат отпадни масла. Итно да се почне со гасификација на градот, да се забрани палењето огнови на отворено, а на улиците да се постават светилки што апсорбираат СО2. Ова беа само дел од решенијата што ги предложија граѓаните на денешната средба со градоначалникот Петре Шилегов, за намалување на проблемот со загадувањето на воздухот во Скопје.

Граѓаните кои во голем број дојдоа на оваа средба и ги понудија своите одржливи идеи, сознанија и искуства за надминување на проблемот со аерозагадувањето своите предлози до Градот Скопје ќе ги достават и писмено.

„Ќе ги разгледаме сите идеи што денеска ќе ги слушнеме и ќе ги утврдиме можностите тие да се спроведат на дело. Јас, како градоначалник на Градот Скопје веќе иницирав засилени инспекции на депонијата „Дрисла“, побарав да се изработи нов концепт за јавниот градски превоз што би ја вклучил и постојната железничка мрежа, а во градскиот буџет е планирано и субвенционирање од 100 милиони денари на ЈСП при набавка на зглобни електрични автобуси. За наредната година граѓаните ќе добијат 10 милиони денари субвенции при набавка на инвертери за затоплување и обука за оџачари“, рече градоначалникот Шилегов, по средбата со граѓаните, додавајќи дека се работи и на други среднорочни и долгорочни мерки за борба против загадувањето, а во буџетот за следната година за заштита на животната средина ќе бидат издвоени 141 милион денари.