Македонија и Унгарија потпишаа Акциски план за соработка во 2018

18 декември, 2017 | 17:06 часот | 441 прикажувања |

Mинистерот за надворешни работи и трговија на Унгарија, Петер Сијарто денеска престојуваше во официјална посета на Република Македонија.

За време на разговорите главна тема беше европската и евро-атлантската интеграција на Македонија. Министерот Димитров информираше за проактивните дипломатски напори на Владата на Република Македонија за реализирање на надворешно-политичките приоритети, пред сė добивање датум за почеток на преговорите со ЕУ и членство во НАТО, како и унапредувањето на добрососедските односи и регионалната соработка.

Во таа насока, тој кажа: „Решени сме да ја искористиме шансата, да станеме дел од ЕУ и НАТО. Ние припаѓаме во тие заедници. Затоа одлучно чекориме кон нив.”

Министерот Сијарто ја поздрави силната посветеност на Владата на Македонија за спроведување на реформите неопходни за забрзување на европската и евро-атлантската интеграција на земјата. Тој воедно го реафирмира ставот дека Унгарија останува силен поддржувач на Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ и НАТО, се наведува во соопштението на македонското МНР.

Воедно, беа разгледани можностите за унапредување на билатералните односи, со посебен акцент на заемниот интерес за интензивирање на економската соработката. Подготвеноста на двете страни за јакнење на меѓусебната соработка, беше реафирмирана и со потпишувањето на Акциски план за соработка за 2018 година.

Акцискиот план потпишан помеѓу Министерството за надворешни работи на Република Македонија и Министерството за надворешни работи и трговија на Унгарија, предвидува конкретни активности за натамошно продлабочување на соработката меѓу Министерствата на двете земји. За време на разговорите, Димитров и Сијарто разменија мислења за состојбите поврзани со миграцијата како и за други поважни регионални и меѓународни прашања.