Кина додели финансиска помош за Македонија во висина од 2,5 милиони евра

18 декември, 2017 | 15:33 часот | 459 прикажувања |

Заменик Претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, и Амбасадорот на Народна Република Кина, Јин Ликсиан денеска потпишаа Договор за економска и техничка соработка за обезбедување на грант-помош помеѓу Република Македонија и Народна Република Кина со кој се обезбедуваат неповратни финансиски средства од Кинеската Влада за поддршка на проекти во Република Македонија во износ од 20 милиони јуани, или околу 2,5 милиони евра.

„Преку оваа соработка, не само што се поддржуваат развојните цели на нашата држава, туку се унапредува и севкупната соработка помеѓу Република Македонија и Народна Република Кина, што е важен сегмент од развојот на нашите меѓусебни односи“, изјави Османи при потпишувањето на Договорот со амбасадорката на Народна Република Кина, Јин Ликсиан.

Во изминатите години, проектната соработка со Народна Република Кина беше насочена кон неколку приоритетни области: образование, здравство, мрежно поврзување, а најголем дел од финансираните проекти беа во образовниот сектор. Вицепремиерот Османи посочи дека согласно минатите договори, во тек на реализација се два проекти, и тоа: изградба на спортска сала при основното училиште Рајко Жинзифов, како и Проект за техничка поддршка во образованието, односно воведување на електронско – образование.

„Комплетирањето на овие два проекти се очекува до средина на наредната година, за потоа, да може да започнеме со спроведување на нови проекти финансирани во рамки на Договорот што денес ќе го потпишеме“, рече Османи.

На церемонијата на потпишување на Договорот Вицепремиерот Османи изрази јавна благодарност до за севкупната долгогодишна поддршка од Народна Република Кина за Република Македонија, за која изрази уверување дека во иднина ќе биде продлабочена и унапредена.