ВМРО-ДПМНЕ најави нов протест пред затворот во Шутка

18 декември, 2017 | 10:22 часот | 478 прикажувања |

Македонија е заробена држава благодарение на хунтата и единствена држава во демократска Европа каде во 21 век сè уште се апсат луѓе поради изразени политички ставови. Македонија е единствена држава која се стреми да се интегрира во евро-атланскте институции со политички затвореници во своите затвори, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Судот без никаква причина во притвор смести уметници, актери, режисери, лекари, пратеници, полицајци и вистински професионалци во својата дејност луѓе, кои ја бранеле честа и боите на Македонија во полето каде се најуспешни. Овие луѓе се во притвор само поради различните политички ставови со еден човек, Зоран Заев“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Партиското судство, велат од таму, без никакви аргументи по налог на хунтата монтираат случаи за тероризам против родуљуби и патриоти, луѓе кои дале незамислив придонес за македонското општество.

„ВМРО-ДПМНЕ бара безусловно запирање на сите овие процеси на политичкиот прогон, итно и безусловно стопирање на малтретирањата, на теророт и изживувањето кое го прави СДС, итно пуштање на слобода на сите лица кои се опфатени со овој класичен политички прогон“, додаваат од опозициската партија.

Од таму најавија дека и денеска ќе протестираат во 18 часот пред Истражниот затвор Скопје во Шуто Оризари.