Од ВМРО-ДПМНЕ и вечерва побараа ослободување на притворените за 27 април

17 декември, 2017 | 21:25 часот | 398 прикажувања |

Со протест пред Министерството за правда активисти и поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ и вечерва побара ослободување на нивните сопартијци и на другите притворени лица вклучени во настаните во Собранието од 27 април.

Од ВМРО-ДПМНЕ бараат безусловно запирање на, како што велат, „сите овие процеси на политичкиот прогон и пуштање на слобода на лицата опфатени со прогонот“.

„Чујте го крикот на овој народ и ве молам од името на сите 50 невини затвореници да се потрудете да не разберете. Секојдневно се трудите да го освоите светот, но немојте да ви се случи него да го добиете, но притоа да ја изгубите душата своја. Та нели Македонецот, Албанецот, Ромот, Бошњакот, Влавот, нели тие се вашата душа, ако не се лажам. Зарем не ги гледате Александар, Мухамед, Амдуш, Нермин, Митко, Зекир, зар не ги гледате меѓу нас. Зар не го слушате нивниот глас. Да ве потсетам, зар не гледате и зар не слушате дека 50 деца во Република Македонија плачат. 50 семејства на уставобранители и страдалници. Зар заборавивте дека на сите луѓе животот им почнува и завршува исто, но добро знаете дека содржина на истиот одредува кого ќе го паметат идните генерации како дел од светлата страна на историјата, а кој ќе биде запаметен како темна дамка во историјата.“, рече во обраќањето на протестот Светлана Колариќ.