Професионален дресер на кучиња со мерки за заштита на луѓето од агресивните кучиња

17 декември, 2017 | 12:28 часот | 1.809 прикажувања |

Во големата сала на Општина Охрид вчера беше презентирана предлог програмата за заштита на луѓето од кучешки напади. Програмата е изработена од страна на професионалниот дресер на кучиња Ефто Стојаноски, а истата, како што информираше, ќе биде предложена и до надлежните во локалната и централната власт.

„Преку програмата предвидувам подобро да се заштитат и малите деца и бебињата. Истовремено ќе се заштитат и домашните животни и другите кучиња. Колку подобра заштита на луѓето од кучешки напади, толку подобра заштита и на самите кучиња од масовни труења и убивања“, вели Стојаноски.

На оваа тематика тој напишал книга пред речиси две години, во која како што вели, предупредил дека доаѓа многу страшно време во Македонија и општо на Балканот.

„Трагедиите коишто се случуваа по Европа, масовни трагедии, а замислете имаат модерни стационари, има полиција, шинтерски служби, но напад од кучиња има многу, меѓу кои имаше многу нападнати и мртви дечиња. Во мојата книга предупредувам дека едукацијата е најважната работа. После тоа мое предупредување не се презедоа некои посебни мерки. Потоа се случија и нападите на жената во Маврово, мртвото дете – трагедијата во Кичево и повторно ништо не се презеде“, вели Стојаноски, додавајќи дека токму поради тоа се решил да ја направи оваа програма: преку разни точки во кои е опфатено чувањето на кучињата, водењето на кучињата, грешките коишто ги прават луѓето, а кои потоа доведуваат до напади.

Прочитајте ја предлог програмата на професионалниот дресер на кучиња Ефто Стојаноски

Главните причини за агресивните напади на кучиња Стојаноски ги лоцира во неправилното чување на кучињата, неправилното воспитување на кучињата, погрешната едукација што ја прават љубителите на кучињата, граѓаните, новинарите кои преземаат разни извештаи од насекаде низ светот, а во кои се прикажуваат кучињата единствено како животни кои треба да се заштитат, да се згрижат, но не се прикажуваат опасностите.

„Ќе се згрижат кучињата и животните, но треба да се заштитат и луѓето“, вели професионалниот дресер на кучиња.

„Преку точките во мојата програма предвидувам заштита на луѓето. Ќе ви кажам некој пример: за кучињата кои се врзани во дворовите без ограда. Постојат многу такви случаи. Агресивно опасно куче врзано покрај патот, а ограда нема. Кучето се отпушта од ланецот и ете настрада првиот човек. Предвидувам такво куче веќе да не постои: врзано на ланец во двор без ограда. Мора да има добра и безбедна ограда, а оние поопасните кучиња треба да бидат во бокс затворен од горната страна“, посочува Ефто Стојаноски.

Неговата намера е да им помогне на надлежните, преку неговите предлози, а тие потоа да размислат како истите би можеле да се вклопат во законите или со некои други правила за да бидат спроведени.

„Многу значајно е да има по едно овластено лице – инспектор кој ќе биде стручен, ќе настапи на терен и ќе знае да процени дали кучето кое е пријавено од страна на граѓаните за опасно треба да биде заловено, треба да постои и шинтерска служба за тоа, а не како сега имаме полно пријави за агресивни кучиња, но што можат на тоа да прават полицајците, ништо. Тие не се шинтери, па да го заловат. Непотребна е вината што се префрла на полицијата“, вели Стојаноски.

За проблемот со агресивните кучиња скитници во Охрид, предлогот на Стојаноски е да нема голем стационар, туку да има мини стационари.

„Свесен сум дека уште долго време нема да се направат модерни стационари, бидејќи бараат големи финансиски средства, меѓутоа, мини стационари, неколку бокса и инспектор којшто ќе има задача да проценува кое куче е агресивно и заловување само на агресивните кучиња во прв план, а потоа истото да биде чувано во стационар, законски како што се предвидува две недели. Доколку сопственикот после тој период не дојде да си го земе, истото може да се поклони, неговата агресивност може да се среди, преку работа со кучето од страна на стручно лице, а во краен случај, се разбира, се предвидува евтаназија“, вели Стојаноски, посочувајќи дека на овој начин нема да се згрижат сите кучиња, но ќе се спасат луѓето од напади.

Професионалниот дресер на кучиња е дециден дека на тој начин ќе се спречи појавата на агресивни кучиња по улиците кои секојдневно се случуваат, а најстрашни се тие во кои кучиња напаѓаат мали дечиња и бебиња.

Стојаноски потенцира дека мора да се обрне внимание на едукацијата и таа да биде стручна.

„Има многу емисии кои велат: ги сакаме кучињата и ги чуваме, гушкајте ги и пружете им љубов на кучињата. Не е точно тоа, тоа е добро само за малите дечиња да ги сакаат кучињата. Не смее тоа да се сфаќа буквално, така може несвесно од најдобро да се направи најлошо куче. Кучињата што напаѓаат луѓе по улица се учени така, или свесно или во многу случаи несвесно, од незнаење“, заклучува Стојаноски.

Охриѓанец ќе предложи програма за заштита на луѓето од кучешки напади

П.Д.