Заев – Рама од Пустец: Ги унапредуваме односите и низ грижа за малцинските права

16 декември, 2017 | 18:20 часот | 1.371 прикажувања |

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев заедно со неговиот албански колега Еди Рама денеска беше во посета на општината Пустец во Албанија, каде се сретнаа со жители на општината, се запознаа со нивните барања и реализираа повеќе заеднички активности.

Од владината прес-служба соопштија дека двајцата премиери прво разговарале со раководителите, наставници и ученици во едно од училиштата во општината, С.У. „Трајан Горѓиовски и Митре Колевски“.

Двајцата министри биле пречекани од учениците кои рецитирале песни на македонски и албански јазик. Премиерот Заев донирал книги и работни материјали за учениците, што ги поделија заедно со премиерот Рама.

Заев и Рама имале заеднички состанок со преставници на општината Пустец, заменик градоначалникот и советниците, кои ги објасниле приоритетите за коишто очекуваат поддршка. Еден од нив е и реновирање на училиштето, за што премиерот Рама се обврзал дека ќе биде реновирано, како и дека општината ќе добие поддршка во комуналните проекти и проектите за локален развој што беа посочени на средбата.

Премиерот Заев изразил благодарност до премиерот на Албанија, Еди Рама, за грижата што ја покажува за граѓаните во Албанија со македонско етничко потекло.

„Ова е начин да ги отвораме и да ги решаваме прашањата. Присуството на двајцата први луѓе на извршната власт во Македонија и во Албанија, тука во Пустец е голема симболика за унапредувањето на односите меѓу двете земји, бидејки малцинските заедници се мостот на таа соработка, и грижата за нив е од големо значење. Се работи за две држави европски ориентирани, што се подготвени да ги негуваат малцинските права“, рече премиерот Заев на состанокот.

На состанокот со локалните власти во Пустец, премиерот Заев најавил дека и Владата на Република Македонија ќе помогне во решавањето на прашањата што се од важност за жителите со македонско етничко потекло во Албанија.

Посетата во Пустец била поздравена од граѓаните кои во голем број биле излезени на улиците на Пустец. Во оваа средба тие гледаат перспектива за развојот на општината, како што соопштија нивните локални претставници, поради потенцијалот што го има местото, убава клима, Преспанското Езеро.

За време на посетата на Пустец премиерот Заев беше придружуван од потпретседателот на Владата и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, министерката за образование и наука, Рената Дескоска и министерот задолжен за дијаспора, Едмонд Адеми, а албанскиот премиер Рама го придружуваа Дитмир Бушати министер за Европа и за надворешни работи, Линдита Никола министерката за образование и Пандели Мајко министер за дијаспора.

Премиерот Заев, во рамки на работната посета на Република Албанија, синоќа се сретнал и со преставници на сите здруженија на жители со македонско етничко потекло во Албанија од Преспа, Корча и од Голо Брдо, како и со претставници од политичката партија Македонска алијанса за европска интеграција.

На состанокот се разговарало за унапредување на употребата на македонскиот јазик во местата каде што живеат граѓани од македонско етничко потекло, како и за начините на коишто може да се унапредат културните, образовните, инфраструктурните потреби.

„Присутните ја поздравиле демократската определеност на премиерот Заев, грижата што ја покажува за нив, како и подготвеноста на Владата на Република Македонија за активна соработка, додавајќи дека со години не се случил ваков обединувачки состанок во присуство на премиер и министри од Владата на Република Македонија“, стои во соопштението од Владата.