Јолевски за МИА: Решение за името со кое ќе се заштити идентитетот

16 декември, 2017 | 10:16 часот | 320 прикажувања |

Потребно е да се вложат сите напори во процесот на преговорите меѓу Македонија и Грција за да се најде взаемно прифатливо решение околу спорот со уставното име, кое ќе ги заштити идентитетот и дигнитетот на граѓаните на Република Македонија.

Ова за МИА го изјави поранешниот амбасадор во САД и долгогодишен преговарач во спорот со Грција за името Зоран Јолевски, давајќи осврт на првата средба на медијаторот Метју Нимиц и преговарачите на Македонија и Грција, Васко Наумовски и Адемантиос Василакис, по застојот од три години.

Смета дека е важно да се даде можност на овој процес, претстојниот временски период е поволен и треба да се искористи, со оглед на најавените активности во ЕУ, како Стратегијата за проширување на Жан Клод Јункер во февруари, извештајот на ЕК во април, состанокот во мај во Софија, но и самитот на НАТО во јули.

Овој придвижувачки бран на меѓународната сцена пред поголеми случувања од меѓународен карактер не е нешто невообичаено, па така е и во случајот со спорот меѓу двете земји.

Јолевски, кој беше македонски преговарач од ноември 2008 до јуни 2014 година, како позитивна ја оценува и најавата дека преговарачите секој месец ќе се сретнуваат со медијаторот Нимиц.

Ова и претходно било предлагано и тоа на иницијатива на македонската страна, меѓутоа барем во времето кога тој бил преговарач состаноци понекогаш се одржувале на четири месеци.

„Главна задача на цел тој процес е да се искористат сите можни моменти за да се најде решение, вклучувајќи и редовни состаноци, поради што оваа најава е позитивен сигнал“, вели соговорникот на МИА.

Смета дека е важно да се согледа дали и кај грчката страна постои подготвеност да се најде решение и додаде дека изминатиот период има позитивни изјави од грчката страна, но додава дека е рано да се говори за целокупниот процес.

Освен изјавите на политичарите во двете земји, според Јолевски потребно е и кај грчката јавност да се создаде атмосфера дека е потребно взаемно прифатливо решение. Тука ги спомена медиумите, тинк-тенк организациите, интелектуалците.

Според Јолевски и пренесувањето на изјавата на директорот за Дијалог за Југоисточна Европа при Универзитетот Колумбија, Давид Филипс, односно можноста Американец да изнесе свој став, кој може е поинаков од нивниот, е позитивен момент и показател дека има одредена отвореност од грчка страна.

Филипс, кој е поранешен советник во Стејт департментот во време на претседателите Бил Клинтон, Џорџ Буш и Барак Обама, изјави дека односите меѓу Атина и Скопје се во својот зенит и дека 2018 година е важна поради можноста да се дојде до решение што ќе биде од корист и на двете страни.

Грција, оценува тој, исто така има интерес да си го подобри имиџот, бидејќи нерешавањето на ова прашање станува контрапродуктивно за сите страни.

Во целокупниот процес предвид треба да се има глобалната геополитичка состојба.

„Геополитичката состојба и во Европа и во светот е променета, особено изминатите пет-шест години, воопшто не треба да зачудува тоа што и за Европа и за САД Балканот повторно се враќа меѓу повисоките приоритети, интеграцијата на земјите од ЈИЕ е од голем интерес за нив“, вели Јолевски.

Предвид треба да се земат и политичките состојби во двете земји, односно тоа што во 2018 година ниту во едната, ниту во другата нема избори. Во Македнија во 2019 година се одржуваат претседателски избори, а истата година се и парламентарните избори во Грција.

„Треба да се направат напори, но никој не не може да гарантира дека ќе има решение. За да се најде решение потребно е и двете страни да докажат дека тоа навистина го сакаат“, вели Јолевски за МИА.