Јапонија со рекорден буџет за одбрана поради севернокорејската закана

16 декември, 2017 | 10:04 часот | 523 прикажувања |

Јапонија предвидува рекорден буџет за одбрана во висина од 5,19 трилиони јени (46 милијарди долати) за следната буџетска година, за да ја зајакне противракетната заштита пред заканите од севернокорејски ракети, објави јапонскиот весник „Никеи“.

Тоа ќе биде шеста година по ред да се зголемуваат расходите во одбраната. Весникот наведува дека голем број од средствата ќе бидат наменети за покривање на расходите на американскиот систем за пресретнување на ракети.

Јапонското Министерство за одбрана минатата недела соопшти дека предвидува да купи од САД ракети со голем дострел. Но, таквата одлука е спорна бидејќи јапонскиот Устав забранува употреба на сила за решавање на меѓународни спорови.

Целиот буџет за фискалната 2018 година ќе изнесува 97,7 трилиони јени (867 милијарди долари), при што се зголемуваат расходите и за социјалната сфера и за здравството.