ТВ21: Димовски или Попоски наспроти Мицкоски за нов лидер на ВМРО-ДПМНЕ

16 декември, 2017 | 9:55 часот | 4.782 прикажувања |

Илија Димовски или Никола Попоски наспроти Христијан Мицкоски, вака би можела да изгледа трката за наследник на Никола Груевски на чело на ВМРО-ДПМНЕ. ТВ21 неофицијално од партиски извори дознава дека се прават анализи кој би бил идеалниот кандидат за претседател на опозициската партија на претстојниот конгрес кој треба да се одржи на 22 и 23 декември во Валандово.

Според нашите информации, групата во ВМРО-ДПМНЕ, од која се дел Попоски, Димовски и Милошоски, како и уште неколку постари членови на партијата, кои ја претставуваат базата, одлучува помеѓу Димовски и Попоски, односно кој од нив двајцата би бил идеалниот кандидат. И двајцата ја имаат поддршката на членовите на партијата, односно базата, но ќе треба да ги убедат делегатите на конгресот да гласаат за нив. Нашите информации велат дека меѓународната заедница повеќе симпатии има кон Димовски, отколку кон Попоски.

На другата страна, треба да застане сегашниот генерален секретар Христијан Мицкоски, за кого се тврди дека ја има поддршка од „крилото“ на Никола Груевски. Тоа се поновите членови на партијата, поранешни функционери во владата на ВМРО-ДПМНЕ, но и дел од градоначалниците кои на последните локални избори доживеаја порази. Неофицијалните информации велат дека Мицкоски ја има поддршката од поголемиот дел од делегатите на Конгресот и веќе ги собрал потребните потписи за да се кандидира. Информациите велат дека токму Мицковски е желбата на Никола Груевски.

Третиот кандидат, кој по се изгледа, има најмалку шанси на конгресот е Филип Петровски, кој исто така почнал да собира потписи за кандидатурата. Тој пред неколку дена изјави дека се врши притисок врз делегатите на Конгресот, да гласаат за фаворитот, на како што вели, „Палатата“.

Последниот рок за пријавување на кандидатите е 21 декември до 15 часот. Токму тогаш ќе дознаеме кој и официјално ќе влезе во трката за наследник на Никола Груевски.

извор: ТВ 21