Избор песни од творештвото на Гане Тодоровски

17 декември, 2017 | 19:49 часот | 3.657 прикажувања |

Гане Тодоровски е еден од великаните на македонската литература во 20-тиот и 21-от век. Постигнатите научни резултати во областа на македонистиката, го вбројуваат помеѓу најистакнатите дејци во славистичките кругови, како во Европа така и во светот…

Тој е автор на импозантно литературно дело во две магистрални насоки: автентично литературно писмо, кое се остварува во доменот на поезијата и во областа на историјата на книжевноста, критиката и есеистиката. Академик Тодоровски е автор на 12 книги поезија, кои секогаш значеле настан во мигот на појавувањето и, истовремено, оставиле длабока трага во летописот на современата македонска литература.

Академик Гане Тодоровски е истакнат преведувач на модерната светска поезија на македонски јазик и добитник на повеќе признанија и награди: „11 Октомври“, „23 Октомври“, „13 Ноември“, „Браќа Миладиновци“ – Струшки вечери на поезијата, „Ацо Шопов“ – ДПМ, „Димитар Митрев“ – ДПМ, „Кирил Пејчинович“ за преведувачки опус, Книжевно жезло и на голем број пофалници во земјава и во странство.

За него, Раде Силјан ќе запише: „Беше сподвижник на круцијални настани, неразделно сврзани со општите состојби во нашата татковина. Болештините на татковината беа негови истрадани болештини, пресликани во богатото поетско творештво. За неговиот прониклив збор „се врзуваа“ и младите и старите, и почитувачите и опонентите. Со своите ставови и сфаќања за одредени теми никого не оставаше рамнодушен. Беше учесник во македонските динамични и бурни општествени и културни збиднувања и во брзите трансформации на нашата литература.

Како творец од висок ранг беше поборник на прека реч, продуховена и исклучително прецизна. Спаѓаше во редот на афирматорите на новите појави и тенденции, но во исто време беше и бескомпромисен полемичар, без влакно на јазикот, особено кога се работеше за одбрана на достоинството на националните вредности“.

Во прилог прочитајте избор на пет песни од богатото поетско творештво на Гане Тодоровски.

НОЌ БЕЗ ИНТЕРПУНКЦИЈА

Кон брегот бродиме
Ние, –
осамените патувачи…
Разнишана умората боли!
Бараме начин
повторно да се родиме
повторно
в зорите голи.

А мислите разголени
треперат;
врз кожата на ноќта
немир гребе.
Со кајчето на надежта
се носиме.
ЗОРО
кон тебе,
поникната над клепките
натежнати.

И никој нема сила,
трошка од силата барем
запирка само да стави!

А точките ги мразиме.

ПРАШАЊА

1.
Ќе нѐ има ли
да речеме тогаш
кога ќе нѐ нема –
ако нѐ немаше токму тогаш
кога требаше да нѐ има?

2.
Ќе бидеме ли
затоа што бевме
или пак сме
за да продолжиме
во бидувањето?

ЗАВЕТ

Онаму дечиња, онаму внучиња мои,
Ридјено кајшто се грвали, дабјено кајшто се рои,
Могила малечка онаму нека ми стои.

Могила молковна – дватри миловидни бреста –
Налик на клепала што ќе ја гласат веста
Дека на некојси овдека гласот му престанал…

Грска тејманушки, ко што е редно, да ‘ртат,
Колку на минувачите погледот да им го свртат
И да им приспомнат троа од троа за смртта.

Кожле да вишнее, Вардар со рикот да рика,
Полногласен од врутока до утока да вика,
Одоколу да тече време македонско, да блика…

Могила, што ќе молитват ветројне планински,
Камен, со неколку галежни зарешки кирилски
И – едно нашинско презиме со златно крајче на ски!

ВАСИЛ ЧЕКАЛАРОВ

„Го нема Васила – ја нема Македонија“
(црна народна поговорка)

Ни го отепаа јунакот-најјунак
В грб му истурија вжештено олово македонофобите,
Му ја пресекоа главата, на колец му ја наденаа,
Ја испорашетаа ширум Леринското, Костурското
Колку за страв и препал – живите мртвиот да го видат,
Бидејќи без живиот Васил мртва е Македонија!

Лош есап си направиле ѕверовите – андартите,
Ни трошка ум да ти немале ѕверовите – андартите:
Му ја извишија на Васила наш Чекаларов главата
Виш-вишум како глава над главите,
Како црвено, крваво знаме македонско…
Разбраа задуманите селани дека во земјата
Која со векови си ја викаат Македонија
Најдолго живеат мртвите, оние чиишто глави
Ко знамиња ги развеваат над нашите наведнати лица,
Токму душманите!

Блазе ти земјо страдалнице, земјо непотчнета,
Блазе ти мртвите што си ги имаш за живи –
Земјо обезвасилена, ама не и обезсилена,
Не грчи лице, не збирај веѓи, не нижи солзи,
Ќе има Васил и по Васила, верувај,
Допрва ќе се развасилат јунаците-новаците,
Стига да ни се живи мртвите,
Тој вруток семакедонски!

СТАРЕЧКА ПЕСНА

1.
Се движам бавно. Чекорот ми е спор.
Тргам, се разбира, со левата. Десната само ме крепи.
Сиот сум ненужно прашање – без можен одговор!
Членувам доброволно во Соузот на полуслепите…

2.
Тржествено сум сам. Дури – воинствено сум сам.
Налик на самјак-благородник, со прекар: НАЈ-НАЈ-НАЈ!
Можеби благовремено ме бележале со пален знак на веков?
Уважени и добродушни корисници на ова мое кажување,

Дозволете троа право на дорек – реков што реков:
Иштавлија сум уште да македонствувам!
Низ восклици и прашалници и обвини и самоосуди.
Ова го чинам откако за себе знам, од почеток до крај.

Ете ја тајната на недоодот на мојот СПОКОЕН ЧЕКОР.
Јас МАКЕДОНИЈАВА ја прогласив за вера и за храм.
Имено, поради тоа сум долговечен и непореклив!
Имено, поради ова, токму поради ова немам ни трошка срам
Дека ме бројат сеуште за жив!
Бидејќи, слушнавте, нели, јас м а к е д о н с т в у в а м.
Го чинам тоа како дотресок од едно славно племе,
Грижејќи се да го растолкувам
Лудово и растрчано време.

3.
Ме скараа ли годините со иднината? Напорки ли таа ме гледа?
Утрежите куќа што ранат се ежават ли пред мене?
Пак непланирана караница!
Минатото ме обрзува толкувач да му бидам
Токму низ нашево време…низ растрчаново денес…

Немам ни првична претстава колкумина ме следат?
Се открив на опашката на сеопштата трчаница.
Клинкам и куцам и се тетеравам. В пресрет на Утрото идам
Подзамелушен накај аголот, кадешто, се сеќавате дека
Таа, Господинката Смрт – иштавливо ме чека и ме пека.

4.
Се поревам подгрбавен од почести, титули, дипломи…
Одбран сум како принова и меѓу Н а ј о д б р а н и т е.
Некаде, веројатно планираат да ме искачат и во фреска!
Дребнавото во мене зема на крупни парчиња да се ломи.
Врз глава локален нимбус /од оние поевтините/ ми блеска.
Но, по ѓаволите, каде ли ќе го сместам сето ова?!
Мала е гробната јама за волку голем товар.

5.
Бев ли доброволен глувтар во земја кајшто премногу се вика?
За да ме стокмат во немтур немале доволно пари.
Поради ова напишав песна за тресидрвото по име трепетлика
За некој да се досети повеј од свежина да ми дари.
Попусто, попусто, попусто сѐ е…па, поначесто чинам
Дека во сенката на сопствениот привид кајгоде некаде минам.

Можеби само сум минувач низ некаков вонправописен страв,
Наполно свесен дека многумина надживеав!
Оние што уште не сум ги…нека причекаат да ги надпеам.
(Впрочем, оваа ука уште од младини наизуст си ја знам) –
Премногу префикси со компаративна предност НАД ме китат,
Оттука, не ми ни треба некое енормно итање!
И така, во стил на претекнувач, без додатни напори си минам,
Важен и горд дека лека – пополека престигнувам многумина.

Па, не чудете се тогаш, вие наттрчани, ова уште ако трае,
Јас си ја имам научено патеката од „А“ до „Ш“ –
А целта… а целта…?
Неа отсекогаш, неа отсекогаш предобро си ја знаев.

(Москва, мај 1998)