Заев и Рама со став дека меѓувладината седница отворила ново поглавје во македонско-албанските односи

15 декември, 2017 | 18:10 часот | 239 прикажувања |

Владите на Република Македонија и Република Албанија денеска во Подградец одржаа заедничка седница. Премиерот Зоран Заев оцени дека меѓувладината седница отвора ново поглавје во билатералните односи меѓу Македонија и Албанија и изрази почит за свеста за пријателската и ефикасна соработка меѓу владите на двете држави.

Тој нагласи дека Република Македонија како држава е определена кон изградба и унапредување добрососедските односи, не само затоа што и е тоа потребно за евро-атлантските интеграции, туку затоа што добрососедските односи значат и мир, стабилност и напредок во регионот, а тоа значи мир, стабилност и напредок и на Република Македонија.

„Ние сме пријателски народи и само низ заеднички развој можеме да ги постигнеме посакуваните перспективи, како граѓани и како држави во регионален контекст. Дополнително, Албанците во Македонија и Македонците во Албанија навистина се мост за градење поблиски врски и соработка и тоа треба да го имаме секогаш предвид“, порача премиерот Заев.

Македонскиот премиер најави дека вториот заеднички состанок на владите ќе биде во Македонија, во Охрид или Струга, на почетокот од идната година.

„Утре ќе го посетеме и македонското малцинство во Пустец и сметам дека Македонците во Албанија се мост за зближување на двете држави“, нагласи премиерот Заев.

Албанскиот премиер изјави дека односите помеѓу Албанија и Македонија сега одат по нагорна линија. Тој додаде дека целосата реализација на Охридскиот договор е многу битна за демократските односи во Македонија, но, како што рече, и за Албанците во целина. Рама истакна дека постигната е согласност граничниот премемни Требиште – Џепиште помеѓу Албанија и Македонија кај Дебар набргу да започне да работи 24 часа.

По меѓувладината седница потпишана е Заедничка Декларација за поголема заедничка соработка, од страна на претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев и претседателот на Советот на министри на Република Албанија, Еди Рама. Премиерите потпишаа и Меморандум за разбирање, за превенција и сузбивање насилен екстремизам и радикализација којашто води кон тероризам.