Вечерње новости: Србија „го брише“ името Македонија?

15 декември, 2017 | 16:20 часот | 594 прикажувања |

Ако Скопје ја поддржи Приштина во меѓунариодните институции, можна е промена на одлуката за признавање на Македонија под уставното име, пишува „Вечерње новости”.

Премиерот Зоран Заев неодамна во Приштина изјави дека Македонија ќе гласа за членството на Косово во УНЕСКО. Ако тоа се оствари, пишува весникот, Србија подготвува радикални контра мерки. Како што Македонија ќе се постави во однос на нашите национални интереси, така и ние ќе се однесуваме кон нивните, се вели во написот во „Вечерње новости“.

Прашањето за членство во УНЕСКО Приштина ќе може пак да го отвори за две години.

„Но, принципот на реципроцитет во политичките односи со Скопје, Белград би можел да ги активира веќе наредната година, кога Косово најави уште еден обид за членство во Интерпол… Заев пред еден месец во Белград, на средбите со државниот врв на Србија, се ‘заколни’ дека ‘Србија во Македонија има искрен пријател’.

Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ најновата изјава на Заев ја оцени како уште еден доказ за лицемерието на македонскиот премиер и на политиката на власта во Македонија. Ние на тие пораки знаеме како ќе одговориме, изјави Дачиќ.

Иван Стоиљковиќ, пратеник во македонското Собрание и претседател на Демократската партија на Србите, вели дека изјавата на Заев за него не е никакво изненадување. ‘Заев не сака и нема да може да го исполни дадениот збор. Политиката на македонските власти нема да биде спротивна на интересите на Албанците во регионот и на САД како главен покровител на косовската независност. Србија нема интерес да ги заладува односите со Македонија. Но, ако тие продолжат така и се однесуваат спротивно на нашите интереси, политиката на Белград треба да биде воведување на реципроцитет во односите. На пример, македонските здруженија во Србија од државата добиваат помош од 480 илјади евра, а српските друштва во Македонија не добиваат ни денар’, вели Стоиљковиќ“, пишува „Вечерње новости“.