Општина Карпош ќе ги запре градежните активности и ќе субвенционира маски

15 декември, 2017 | 16:14 часот | 221 прикажувања |

Поради високото ниво на загаденост на воздухот во Општина Карпош повеќе дена наназад, градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев денеска одржа конференција за печат на која ги образложи сите ургентни мерки кои во моментот ги презема Општината за намалување на степенот на загаденост.

Богоев информираше дека општната презема интервентни мерки за справување со загадувањето. Најави започнување на процедура за итна набавка на прочистувачи за воздух за сите градинки и училишта на територија на Општина Карпош.

„Дополнително, итно ги запираме градежните активности кои произлегуваат од работењето на Општина Карпош, а се однесуваат на тековно одржување на улицитие, тротоарите и слични градежни зафати кои ги реализира Општина Карпош. Во контекст на ова, бараме сите приватни изведувачи и инвеститори да го следат примерот на Општина Карпош и да запрат со градежни активности во моментите кога загадувањето е на највисоко ниво“, рече градоначалникот Богоев.

Најави дека ќе продолжат редовните контроли и инспекции на градилиштата, со цел да се спречи узурпирање на јавните површини и предизвикување на дополнителна нечистотија и загадување. Богоев испрати повик до сите инвеститори, фирми, претпријатија на општествена одговорност, да донираат прочистувачи на воздух или заштитни маски за граѓаните, или да донираат финансиски средства на наменската сметка на Општината која е објавена на веб страницата и на Facebook страната на Општина Карпош.