Владата ќе примени итни мерки доколку продолжи енормното загадување

15 декември, 2017 | 16:01 часот | 360 прикажувања |

Министерството за животна средина и Министерството за здравство да ги ослободат од работни обврски бремените жени, луѓето со хронична астма, луѓето со прележан мозочен или срцев удар и да го реорганизираат работното време. Ова се дел од итните мерки за загадувањето кои ќе се практикуваат доколку во наредните два дена прагот на ПМ10 честиците во воздухот ја надминуваат границата на најмалку две мерни станици во Скопје. Информацијата на денешниот прес пред владината зграда ја соопшти Миле Бошњаковски, портпарол на Владата.

Владата и наложува на локалната самоуправа да ја намали цената на градскиот превоз, како поттик за граѓаните да користат јавен превоз, а воедно да обезбеди и бесплатен јавен превоз. Автобусите на ЈСП пак, ќе треба да ја зголемат фреквенцијата на сообраќање.

Според мерките, улиците и пешачките зони ќе треба да се перат секојдневно, а државните институции ќе ги зголемат инспекциите на градилиштата.

Градежните компании ќе бидат задолжени да користат повеќе вода и да ги мијат гумите при влез и излез на возилата од градилиштата, а тешките машини како багерите и виљушкарите до градилиштата ќе мора да бидат максимум до 7.30 наутро.

Во ваков итен случај Владата ќе ги задолжи сите органи на државата да ја ограничат употребата на службените возила на 50 проценти, потенцираше владиниот портпарол.

Тој дополни дека, властите дополнително ја разгледуваат можноста за набавка на опрема за лична заштита од загадениот воздух, односно маски со филтри за сите училишта, здравствени центри и градинките.