Османи: Македонија заслужува напредок во евроинтеграциите

15 декември, 2017 | 11:50 часот | 175 прикажувања |

Заменик Претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, оствари средба со италијанските сенатори Ванино Кити и Пјетро Лиуци, кои се и претставници на Комисијата за европски политики на Сенатот на Република Италија.

Како што информираат од неговиот кабинет, за време на средбата се разговарало за евроатлантските перспективи на нашата земја како и за билатералната соработка помеѓу двете земји. Вицепремиерот Османи изразил благодарност за досегашната поддршка од страна на Република Италија за нашите евроатлантски аспирации како и за поддршката на Италија за интеграцијата на земјите од Западен Балкан во ЕУ како основа за регионалната стабилност. Во таа насока било констатирано дека Република Македонија заслужува напредок во приближувањето кон Европската Унија и НАТО, а соодветно на успехот во отстранувањето на пречките на тој пат, и отпочнување на преговорите за членство во Унијата и покана за членство во Алијансата.

„Улогата на Европскиот парламент, но и на националните парламенти, е клучна за процесот на проширување на Унијата. Резолуцијата усвоена во италијанскиот парламент, која ја обврзува Владата активно да учествува во забрзувањето на процесот на проширување претставува јасно изразена поддршка“, рекол Османи.

Османи изразил благодарност и за одличната организација на Самитот на Премиери на земјите од Западниот Балкан во Трст пред неколку месеци, на кој, како дел од Берлинскиот процес, беа најавени значајни средства за поддршка на Коридорот осум во Македонија.

„Финансиската помош што беше најавена во Трст пред неколку месеци беше потврдена пред само два дена, во Франкфурт, каде Управувачкиот Комитет на Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF) и формално ги одобри седумдесетте милиони евра за пругата кон Бугарија, но и за Основниот проект за автопатот од Скопје кон Косово“, нагласил Османи.