101 книга за побратимите: од Лескоец за Лесковац

14 декември, 2017 | 21:00 часот | 390 прикажувања |

Дваесетбројна делегација наставници и ученици од ОУ „Ванчо Николески“ од Лескоец, предводена од в.д. директорката Елена Ел Нади, деновиве престојуваше во Република Србија, кај нивните домаќини од збратименото училиште „Светозар Марковиќ од Лесковац.

На свечената приредба по повод нивниот патронат, учениците од Лескоец учествуваа со своја музичко сценска изведба каде со внимание беше проследена и со овации испратена нивната „Самовилска свадба“, подготвена од наставничките Валентина Наумоска и Емилија Блажеска.

Ученицитe учествуваа и во ликовни хуманитарни работилници, а своја забава имаа и во натпревари во караоке, како и други дневни активности.

Оваа година за одбележување беше и нивниот несекојдневен книжевен проект „Сто и една за побратимите“ при што на симболичен начин со сто и една донирана книга си посакаа да им трае вечно побратимството кое започна пред речиси пет години.

Според зборовите на еден од иницијаторите, проф. Димче Донески, „проектот има за цел да ја продлабочи соработката меѓу учениците и наставниците со меѓусебно запознавање и на македонскиот и на српскиот јазик, како и на македонската и на српската книжнина.“

Овој проект во кој беа подарени 101 книга на македонски јазик за српските побратими, побуди интерес и кај српските интернет портали, (http://jugmedia.rs/leskoeca-101-knjiga-leskovac/), а беше истакнато дека ваков возвратен проект и сто и една книга на српски јазик ќе бидат донирани од Лесковац за Лескоец за време на патронатот на ОУ „Ванчо Николески“, во мај 2018 година.

Инаку, дваесетчлената охридска делегација имаше можност, покрај работната и свечената активност, да го запознае и градот Лесковац и обичаите и традициите на лесковчани и нивните семејства каде што ноќеваа и се дружеа старо-новите побратими.

Заедничкото и незаборавно тридневно дружење, велат учениците и наставниците, ќе биде повод за нови познанства и нови доживувања, зашто оние кои сега беа домаќини на охридските гости, во мај ќе бидат гости во Охрид и Лескоец.

„Побратимството се продлабочува и ќе продолжи со нови проекти и со нови пријателства – до сто и една“, велат задоволни наставниците побратими од ОУ „Ванчо Николески“ од Лескоец и ОУ „Светозар Марковиќ“ од Лесковац.

П.Д.