Мицевски: Безусловно запирање на сите процеси на политички прогон

14 декември, 2017 | 18:00 часот | 268 прикажувања |

Наместо да фокусира на проблемите за подобрување на економијата, решавање на загадениот воздух во Скопје и во поголемиот дел од државата, наместо да го подобрува животниот стандард на пензионерите, администрацијата, лекарите, стопанствениците, работниците, Владата се реши на дефокусирање на јавноста од реалните проблеми со притворање и држење во притвор на чесни македонски граѓани и патриоти кои не се согласуваат со раскчмувањето на се она што е македонско во државата. Ова денеска го изјави Никола Мицевски, член на ВМРО-ДПМНЕ при блокадата на крстосницата кај Мавровска.

„Власта секојдневно се повеќе се оддалечува од евроатланските интеграции и на овој начин СДС покажува дека не знае да владее демократски, туку напротив сака да воведе едноумие и режим во државата. На овој начин сакаме да дадеме поддршка ние пратениците кои што сме тука, но и граѓаните на Република Македонија, да дадеме поддршка на нашите колеги, на притворените уметници и на сите оние граѓани патриоти, родољуби кои што поради своите високо изразени национални чувства кон државата, кон идентитетот, кон јазикот, кон државните симболи се мета на политички прогон и реваншизам и се во занданите на Република Македонија“, рече Мицевски.

Тој уште еднаш ги повтори барањата на ВМРО-ДПМНЕ: безусловно запирање на сите овие процеси на политички прогон, бараме итно и безусловно стопирање на малтретирањата, на теророт и иживувањето кое што го прави СДС. Од партијата бараат итно пуштање на слобода на сите лица кои се опфатени со овој, како што велат, класичен политички прогон.