Македонија и Албанија ќе ја одржат првата меѓувладина седница во Поградец

14 декември, 2017 | 18:35 часот | 341 прикажувања |

Во текот на утрешниот ден претставниците на Владите на Република Македонија и на Република Албанија, ќе ја одржат заедничката меѓувладина седница во Поградец, Албанија.

Согласно агендата, предвидено е премиерот Рама и владините претставници на Албанија да организираат свечен пречек за премиерот Заев и македонската владина делегација, по што ќе се оддржи меѓувладината седница на која ќе има воведни обраќања од премиерите, а на крајот и церемонија на свечено потпишување на документи за соработка.

По завршување на седницата, премиерите на двете земји ќе одржат заедничка прес конференција.

На заедничката меѓувладина седница предвидени се разговори на повеќе теми за унапредување на билатералната соработка во областа на инфраструктурно поврзување, изградба на Коридорот 8, олеснување и интензивирање на размената на стоки и услуги и зајакнување на соработката во областа на безбедноста.

Планирано е потпишување на неколку документи за соработка, вклучувајќи план за консултации помеѓу министерствата за надворешни работи на двете држави, меморандум помеѓу министерствата за внатрешни работи за соработка во областа на внатрешна контрола, како и формирањето на мешовит комитет за економска соработка. Од ресорот на образование и наука, ќе се потпишува и меморандум за интензивирана билатерална соработка преку Институтот за културно и духовно наследство на Албанците од Македонија. Дополнително ќе се потпишува меморандум за соработка во борбата против насилен екстремизам и радикализам, како и договор за соработка во спречување на кризи.

Следното утро, премиерите Заев и Рама во придружба на владини претставници ќе заминат за Пустец каде ќе се сретнат со претставници на локалната самоуправа и ќе го посетат училиштето каде ќе донираат опрема за учениците.