Дводневен самит на лидерите на државите- членки на ЕУ

14 декември, 2017 | 16:26 часот | 252 прикажувања |

Лидерите на земјите членки на ЕУ во Брисел го почнаа дводневниот, последен за оваа година Европски совет, на кој ќе се разговара за прашањата за безбедноста и одбраната, соработката на ЕУ и НАТО, миграциите, економската и монетарната унија и Брегзит.

На првиот ден од самитот, 28 шефови на држави и влади на ЕУ ќе разговараат за јакнењето на заедничката одбранбена соработка, вклучувајќи го и механизмот „трајна структурна соработка“.

Во рамки на разговорите за безбедносната соработка се очекува на европските лидери да им се придружи и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, а предвидено е и да се разгледа ситуацијата во областа на миграциите како и идната политика на Европската унија.

„Самитот е јасна илустрација на фактот дека само кога сме обединети можеме успешно да ги надминеме и најтешките проблеми“, изјави претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.

Европскиот совет нагласува дека состојбата на сите мигранциски патишта е под контрола и дека илегалната миграција на централно-медитеранската рута е намалена за 68 насто во однос на 2016 година. Земјите членки ќе ги разгледуваат и начините за финансирање на мигрантската политика, соработката со соседните земји, борбата против шверцот со луѓе и начините за забрзување на враќањето на илегалните мигранти.

За време на денешната вечера се очекува германската канцеларка Меркел и францускиот претседател Макрон да ги известат своите колеги за имплементација на договорот од Минск. Исто така ќе се разговара и за продолжување на европските економски санкции кон Русија за наредните шест месеци.

Утре лидерите на земјите членки ќе ја разгледуваат моменталната економска ситуација во Еврозоната и јакнењето на економската и монетарната унија.

На крајот од дводневниот самит, шефовите на државите и на владите членки на ЕУ би требало да донесат одлука за тоа дали е постигнат доволен напредок за досегашната прва фаза на преговорите за излез на Велика Британија од ЕУ и да почне втората фаза која ќе се однесува на можен транзициски период и рамките за идните односи.

извор: МРТ