Претседателот Иванов на средба со бразилски парламентарци

14 декември, 2017 | 11:08 часот | 209 прикажувања |

Во рамки на официјалната посета на Бразил, претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, оствари средба со г. Фернандо Колор де Мело, претседател на Комитетот за надворешни работи и национална одбрана во Федералниот Сенат и поранешен претседател на Бразил, и средба со г-ѓа Бруна Фурлан, претседател на Комитетот за надворешни работи и национална одбрана во долниот дом на Националниот конгрес на Бразил.

На средбите со г. Фернандо Колор де Мело и г-ѓа Бруна Фурлан, беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Федеративна Република Бразил и можностите за нивно продлабочување, особено во сферата на парламентарната соработка.

Со цел реализација на конкретни иницијативи, соговорниците констатираа дека е неопходно унапредување на договорната рамка меѓу двете земји. Во таа насока, беа разгледани иницијативите за склучување на меѓусебни договори во сферата на културата, научната и технолошка соработка, воздушниот сообраќај и инвестициите.

Во разговорите со двајцата претседатели на Комитетите за надворешни работи и национална одбрана, претседателот Иванов посочи дека македонската амбасада во Бразилија веќе отвори разговори за проширување на соработката во сферата на безбедноста со акцент на борбата против организираниот криминал и корупцијата што е резултат на одличната соработка помеѓу агенциите за разузнавање, при што изрази очекување за скоро потпишување на Меморандумот за соработка помеѓу агенциите на двете земји.
Македонскиот претседател истакна дека Република Македонија придава особено значење на билатералните односи со Бразил и како јасен знак во таа насока го потенцираше отворањето на македонската амбасадата во Бразилија.

Како значаен аспект во развојот на односите меѓу нашите две земји и првичен чекор за натамошна договорна соработка беше посочен постигнатиот договор во 2016 година за меѓусебно укинување на визите за краткорочен престој.

Во рамки на официјалната посета на Бразил, претседателот Иванов се сретна со г. Рикардо Изар, пратеник во Долниот дом на Националниот конгрес, еден од кандидатите за претседател на парламентарната група за пријателство меѓу Македонија и Бразил.