Скопјани се разбудија во магла и смог

14 декември, 2017 | 10:09 часот | 491 прикажувања |

Енормно високо загадување на воздухот регистрирале мерните станици утрово речиси во сите скопски населби. Во одделни скопски општини, концентрацијата на штетните ПМ10 честичките е 6 пати над дозволениот праг од 50 микрограми на еден кубен метар воздух.

Според последните мерења најзагадено е во Лисиче – 331 ПМ10 честички на кубен метар воздух, потоа во Карпош (293), Центар (255) и Гази Баба (250).

„Податоците за среднодневните концентрации на суспендирани честички со димензија до 10 микрометри се над рамките на граничната вредност на мерните места места Кичево, Кочани, Куманово, Миладиновци, Лисиче, Гази Баба, Центар, Карпош, Велес 2, Битола 2, Ректорат и Кавадарци“, се наведува во извештајот на Министерството за животна средина за вчерашниот ден.

Кардиолозите со апел до срцево болните

Аерозагадувањето е многу штетно за оние кои имаат проблем со срцето.

Овие денови кога тешко се дише и опасните ПМ честички се и 10 пати над дозволеното, кардиолозите ги предупредуваат нивните пациенти да седат дома, бидејќи штетните честички може да направат проблеми.

Аерозагадувањето има хронично влијание врз кардиоваскуларниот систем и овој период постојано им фали кревет повеќе.

Покрај кардиолозите апелираат и педијатрите, родителите да не ги изнесуваат надбор своите деца, особено кога воздухот е многу загаден, бидејќи и Клиниката за детски болести е полна со пацинети.