Вардарци имаат серија од 65 натпревари дома без пораз

13 декември, 2017 | 20:00 часот | 267 прикажувања |

Со денешната победа над екипата на ФК Работнички, вардарци ја продолжија низата на цели 65 натпревари без пораз во домашното првенство на свој терен. Тоа е рекорд од сите европски тимови, односно најдолга серија без пораз како домаќини во сите домашни шампионати низ Европа.

„Црвено-црните“ веќе четврта сезона се без пораз на домашен терен во првенството. Во овие 65 натпревари колку трае серијата, вардарци обезбедија 52 победи, и 13 пати натпреварите завршиле нерешено.

Последен пат на домашен терен во домашниот шампионат фудбалерите на Вардар беа поразени од Шкендија на 23-ти март 2014 година, кога тетовскиот тим си замина со победа од 1:2. Од тогаш па наваму ниту една екипа не може да ги освои сите три бода во првенствените натпревари. До денеска, тоа се вкупно 1354 дена, откако Вардар го доживеа последниот пораз на свој терен.

Исто така импресивна е серијата на Вардар во ова првенство на домашен терен. Вардар ги има сите победи во сите натпревари, односно има девет триумфи од девет меча во првенството.

До крајот на првенството, „црвено-црните“ ќе одиграат уште девет натпревари на домашен терен, верувајќи дека и во оваа четврта сезона ќе успеат да останат непоразени, односно ќе ја продолжаат оваа импресивна серија на одлични резултати пред своја публика.