Глигоров пред дуелот со „романтичарите“: Сега ние да бидеме подобри од Работнички

13 декември, 2017 | 12:15 часот | 397 прикажувања |

На Националната Арена „Филип Втори“ во Скопје денеска со почеток во 13 часот Вардар го игра заостанатиот натпревар во рамките од 12 коло против Работнички.

Градското дерби го најави искусниот фудбалер од средниот ред на Вардар, Никола Глигоров.

„Ова ни е последен натпревар во првенството оваа година, и низ него прво сакаме да ја намалиме бодовната разлика во однос на нашиот ривал за првата позиција на табелата, а второ сакаме на некој начин да му вратиме на Работнички за поразот во првиот натпревар сезонава. Тие беа подобри, сосема заслужено победија, сега посакувам и очекувам ние да бидеме подобри и да победиме“, рече Глигоров.

Според него, Вардар можел многу подобро да помине во првиот дел од сезоната, меѓутоа тимот мора да се сконцентрира во пролетниот дел од сезоната да стигнеме првото место кое што секогаш е целта.

„Со Работнички ќе биде тежок натпревар, очекувам добра игра на Вардар и на крајот освојување на три бода“, додаде Глигоров.