75 проценти од Ромите во Македонија се невработени

13 декември, 2017 | 12:01 часот | 268 прикажувања |

Невработеноста кај ромската етничка заедница во Македонија изнесува 75 проценти, што е двојно повеќе од националниот просек на невработеност. Најголем дел од нив или 88 проценти имаат нецелосно или целосно основно образование, 4,4 проценти целосно или нецелосно средно образование, покажуваат податоците на Ромскиот образовен фонд (РЕФ), пренесува МИА.

Овие податоци, и потребата за подобрување на состојбите, биле причината за реализација на проектите „Завршување на училиштето како патека кон вработување“ и „Подобрување на вработувањето преку образование и обуки“, чии резултати покажале дека образованието е единствен начин за справување со невработеноста кај Ромите и излегување од кругот на сиромаштија.

Извршниот директор на РЕФ Надир Реџепи информира дека во рамки на овие два проекта основното и средното образование го комплетирале 330 Роми. Обуки за активно барање работа поминале 125 лица, 72 деца биле запишани во детски градинки, а 120 деца учествувале во програми за ран детски развој. Вработување нашле 34 лица учесници во активностите на проектите.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, која се обрати на церемонијата на доделување дипломи на најдобрите Роми кои го докомплетирале своето образование преку програмите на Ромскиот образовен фонд за образование на возрасни, истакна дека позитивните искуства кои произлегуваат од вакви проекти мора да се искористат и тие да станат системски мерки.

Посочи дека се прават напори и сите мерки кои веќе постојат и се наменети за Ромите, особено оние за активно вклучување на пазарот на труд, да се адаптираат на нивните потреби со цел да бидат подобро искористени.

Министерот Самка Ибраимовски задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите во Република Македонија смета дека ваквите проекти даваат добри резултати и оти таквите искуства треба да станат дел од системот.

Притоа рече, освен помошта за младите Роми треба да се даде поддршка и за возрасните кои немале можност да се образуваат. Притоа, рече, треба да се води сметка за потребите на пазарот на трудот со цел тие полесно да најдат работа

извор: МИА