
Владеењето на правото повеќе не е основен принцип по кој се водат институциите и правосудните органи. Целосно политизираните институции и заробеното правосудство се под постојан притисок на хунтата, обвинија денеска од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив, обвинителството конструира случаи по нарачка на хунтата, а судството под притисок ги процесуира.
„ВМРО-ДПМНЕ потенцира дека ова незаконие кога тогаш ќе биде казнето. Сите чинители во овој процес на уништување на државата, правниот систем и уставниот поредок ќе одговараат пред законот, за сиот криминал кој безприговорно го извршуваат“, велат од партијата.
Според нив, ова кршење на законот, изживување врз недолжни луѓе и газење на демократијата, ќе остане запаметено во македонската и светска историја како насилничко владеење на една хунта која ја зароби Република Македонија и нејзините институции, во 21 век, во срцето на Европа.
„Меѓународните организации не смеат да останат нем набљудувач на уништувањето на цела една држава и нејзиниот правен систем“, додаваат од партијата.
ВМРО-ДПМНЕ ги повтори своите барања:
1. Безусловно запирање на сите овие процеси на политичкиот прогон.
2. Итно и безусловно стопирање на малтретирањата, на теророт и изживувањето кое го прави СДСМ.
3. Итно пуштање на слобода на сите лица кои се опфатени со овој класичен политички прогон.
ВМРО-ДПМНЕ, денес во 18 часот, ќе организира и протест пред Министерството за правда, на улицата „Димитрија Чуповски“, каде ќе има повеќе обраќања пред присутните.