Грчки медиуми: Забрзано се бара решение за прашањето за името

13 декември, 2017 | 10:12 часот | 244 прикажувања |

По првичните позитивни реакции од вчерашната нова рунда разговори за името во Брисел, одржана по пауза од три години, денеска грчките медиуми пишуваат дека е евидентно забрзување на процесот за надминување на спорот, но оти таквото раздвижување на меѓународен план може да предизвика сериозни проблеми во коалициската влада на премиерот Алексис Ципрас, пренесува МИА.

Сајтот Ин.гр пишува дека по зголемените раздвижувања во однос на прашањето за името се зголемува и притисокот врз владата на Ципрас, а особено на неговиот коалициски партнер, Панос Каменос, од партијата Независни Грци, за изнесување јасен став по ова прашање.

Според Ин.гр, САД поставиле рок до летото да се најде решение, а во спротивно ќе следи влез во НАТО под референцата ПЈРМ. Сепак, тоа отвора прашање како Каменос ќе реагира доколку биде понудено комплексно име и дали би излегле од Владата, имајќи предвид дека тој досега остро се противеше зборот Македонија да биде содржан во името на северниот сосед.

„Катимерини“ ја пренесува изјавата на директорот за Дијалог за Југоисточна Европа при Универзитетот Колумбија, Давид Филипс, кој е поранешен советник во Стејт департментот во време на претседателите Бил Клинтон, Џорџ Буш и Барак Обама, дека односите меѓу Атина и Скопје се во својот зенит и дека 2018 година е важна поради можноста да се дојде до решение што ќе биде од корист и на двете страни.

Според Филипс, ќе биде важно зајакнување на економските врски со Скопје, додека Алексис Ципрас ќе го зголеми својот меѓународен углед, бидејќи решението на проблемот ќе го зајакне суверенитетот на Грција во време кога Турција бара обновување на договорот од Лозана, а ќе ги подобри односите со Албанија и Бугарија.

Онлајн изданието „Еифимерида“ пишува дека нешто се движи во Скопје и дека забрзано се бара решение на проблемот со името. Првата половина на 2018 година е идеално време за решавање на проблемот со името, бидејќи во јуни и јули се одржуваат ЕУ и НАТО самити, на кои САД очекуваат да биде решена евро-атлантската интеграција на Македонија, но според „Еифимерида“, сето тоа е под претпоставка проблемот со името и ветото од Грција да бидат надминатини.

„Скопје може да има многукратна корист од геополитичките движења во регионот, што би резултирало со негова забрзана евро-атланстка интеграција“, објавува „Еифимерида“.

Медијаторот Метју Нимиц по вечерашната средба со преставниците на Македонија и на Грција, Васко Наумовски и Адемантиос Василакис, изјави дека прашањето за името може и треба да биде решено следната година.

Според медијаторот, и во Грција и во Македонија е подобрена климата за решавање на прашањето за името. Најави дека преговорите ќе бидат интензивирани во наредниот период со нови средби во Њујорк во јануари, февруари и март.

извор: МИА